Светски ден на реките: Загрозени текови, жалби и непочитување на принципи за заштитени подрачја

Светскиот ден на реките се одбележува секоја година во последната недела на месец септември. Милиони луѓе во повеќе од 60 земји учествуваат во одбележувањето на овој значаен ден со цел истакнување на вредностите на реките и подигнување на свеста на јавноста.

Реките имаат огромно значење за нас луѓето – од пивка вода до ресурс. Водата како ресурс е ограничена, затоа денеска во светот се придава големо значење на зачувувањето на реките. Грижата и свеста за зачувување на водните богатства е особено голема ако тие се ограничени.

Од организацијата Фронт 21/42 потенцираат дека во Македонија, само 2% од целата територија е под водна површина. Согласно анализата извршена во 2009 година во рамки на Националната Стратегија за води, над 90% од реките во Македонија се наоѓаат во прва и втора категорија според нивниот квалитет. Водите и водните екосистеми денес се под силен антропоген притисок. Тие се загрозени заради намалувањето на нивниот квалитет, но и квантитет заради климатските промени и сè поголемото искористување на вода за пиење, наводнување, енергетиката и индустријата.

Еден од најголемите проблеми чии последици тешко се согледуваат, велат од Фронт 21/42, е мешањето води и видови од различни речни сливови. Во Македонија таков пример е хидросистемот „Шарски Води“, преку кој водата од реките на Шар Планина (вардарски слив) се пренесува во акумулацијата „Мавровско Езеро“, кое истекува преку Мавровска Река и реката Радика (јадрански слив).

Градежни работи - хидроелектрана на Беличка Река, НП Маврово (лево); Градежни работи - хидроелектрана Какачка Река, НП Маврово (десно)

Градежни работи – хидроелектрана на Беличка Река, НП Маврово (лево); Градежни работи – хидроелектрана Какачка Река, НП Маврово (десно)

„Сепак, занемарувајќи ги ефектите од функционирањето на хидросистемот ’Шарски Води“ врз природните вредности на Националниот парк Маврово, во 2010 година Република Македонија иницираше изградба над 20 хидроелектрани на територија на Националниот парк Маврово – вклучувајќи ги и Луково Поле и Бошков Мост. Речиси сите локации на предвидените хидроенергетски проекти се во непристапни предели со огромна природна вредност. Според најновото истражување на локалниот тим на Синото срце на Европа, изградбата на истите би значело уништување на околу 75 километри воден тек“, соопштуваат од Фронт 21/42.

Плановите да се искористат речиси сите реки во Националниот парк Маврово за производство на електрична енергија, беа предмет на истрага на Постојаниот комитет на Бернската конвенција. Во декември 2015 година, Постојаниот комитет усвои Препорака со која побара суспендирање на хидроенергетските проекти во Маврово и оценување на кумулативниот ефект врз Националниот парк како и врз речните сливови. Тогаш, Светската банка го откажа проектот „Луково Поле“ од својата агенда, а Европската банка за обнова и развој ги „замрзна“ средствата за „Бошков Мост“ се додека не се направи анализа на кумулативното влијание од предложените проекти врз Националниот парк.

„За разлика од меѓународните финансиски институции, приватните инвеститори одлучија да не ја почитуваат одлуката на Постојниот комитет и да продолжат со активностите за спроведување на проектите. Две хидроелектрани се во тек на изградба: Какачка Река и Река Беличица. Во изградба е и пристапен пат за планираната хидроелектрана Галичка 2“, стои во соопштението на „Фронт 21/42“.

reki

Локација на на зафат (слика лево) и машиската зграда (слика десно) за хидроелектраната на Рибничка Река

Во последните неколку години, во Националниот Парк Маврово беа изградени две хидроцентрали: Тресонечка Река и Глаичка Река (1 од 3 планирани зафати). Дополнително, планирани локации за хидроенергетски проекти од приватни инвеститори во Маврово има на Росочки Поток, Требишки Поток, Јамска Река, Петилепска река, Леунска Река, Кракорничка река и Осојски Поток. За четири хидроелектрани во моментов се издадени концесии: Жировничка Река 5 и 6, Рибничка Река и Јадовска Река и за истите се очекува да отпочне изградба секој момент.

„Решенијата за кои се издадени концесии се предмет на жалба од мај 2016 година. Студијата на Бенквоч и Еуронатур ’Финансирањето за хидроенергија во заштитени подрачја во Југоисточна Европа’ од крајот на изминатата година, покажа дека во Македонија околу 30% од издадените концесии од страна на Владата за мали хидроелектрани се лоцирани во заштитени подрачја, што покажува непочитување на принципите за заштитени подрачја на Меѓународната унија за заштита на природата“, соопштува „Фронт 21/42“.