Светската програма за храна ја доби Нобеловата награда за мир

Светската програма за храна на Обединетите нации ја доби овогодишната Нобелова награда за мир, заради напорите вложени во борбата против гладот, пренесува српски „Н1“. Комитетот за доделување на Нобеловата награда наведе дека Светската програма е „движечка сила во напорите да се спречи злоупотребата на гладот како оружје за војна и конфликти“.

„Мислам дека ова е првпат во мојот живот да останам без зборови“, рече директорот на програмата, Дејвид Бизли.

Нобеловиот комитет соопшти дека пандемијата на коронавирусот ја зголеми стапката на глад низ целиот свет и ги повика владите да обезбедат финансиска поддршка на Светската програма за храна и други организации.

„Со овогодишната награда (Комитетот) сака да го сврти вниманието кон милиони луѓе кои се гладни или се соочуваат со закана да останат гладни“, рече претседателката на Нобеловиот комитет Берит Рајс-Андерсен.

Рајс-Андерсен додаде дека наградената организација на ООН, „игра клучна улога во мултилатералната соработка која преку обезбедувањето храна станува инструмент на мирот“.

Годинава за Нобеловата награда за мир беа номинирани 211 поединци и 107 организации. Наградата вклучува 10 милиони круни, односно 1.1 милион американски долари и златен медал што ќе им бидат врачени на добитниците на церемонијата во Осло на 10 декември, годишнината од смртта на Алфред Нобел.

Светската програма за храна, со седиште во Рим, е филијала на Агенцијата за храна и земјоделство на ООН, која собира и дистрибуира храна и други потреби за населението кое страда од природни катастрофи и глад. Организацијата е 101-от добитник на наградата.