Португалија е последната држава во Европа која воведува строги рестрикции поради вториот бран на коронавирусот. Од денеска таму на сила ќе биде полициски час кој ќе започнува од 23 часот и ќе трае до 05 часот наутро, а за викендите забраната за движење ќе започнува од 13 часот.
Ова доаѓа откако светот ја надмина бројката на 50 милиони заразени лица од почетокот на пандемијата.
Сепак, бројката се смета дека е повисока поради недоволните капацитети за тестирање во голем број држави низ светот.
На глобално ниво се регистрирани и 1.256.305 смртни случаи од Ковид-19, според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс.
Португалија има повеќе од 170 илјади регистрирани случаи на Ковид-19 од појавата на вирусот и како многу други европски држави во моментов регистрира високи нивоа на трансмисии на вирусот помеѓу населението.
Европа, со повеќе од 12,5 милиони случаи и 305,700 починати, повторно е жариште на вирусот.
Велика Британија започна со нивниот карантин во четвртокот, откако забележа околу 20 илјади нови случаи дневно. Во саботата, во земјата беа регистрирани повеќе од 400 починати од Ковид-19.
Франција, пак, е една од земјите кои се најсилно погодени од вирусот. Таму карантинот трае една недела и според француските власти, прерано е да се каже дали има ефект.
Претседателот на медицинската комисија на болниците во Париз, Реми Саломон, минатата недела во ударните телевизиски термини имаше обраќање до јавноста во кој ги молеше луѓето да го почитуваат државниот карантин. Тој најави дека многу наскоро ќе мора да прават одлуки кој ќе биде приман, а кој не, на одделите за интензивна нега кои полека целосно се пополнуваат.
Други држави викендов воведоа нови рестрикции со кои сакаат да направат рамнотежа меѓу економските последици и целосен карантин со забрана за движење.
Во Италија се воведоа локални карантини во четири региони и национален полициски час. Во повеќе други држави беа затворени одредени бизниси и беа воведени локализирани карантини.