Светска премиера на краткометражниот филм „Вера“ на „Балкан филм фестивал“ во Измир

Краткометражниот филм „Вера“ на Верица Недеска Трајкова ќе ја има својата светска премиера на филмскиот фестивал „Балкан Панорама“, кој ќе се одржи од 15 до 20 октомври годинава во Измир, Турција.

„Вера“ е дел од петте филмови избрани во официјалната натпреварувачка селекција насловена Yellow Umbrella на шестото издание на фестивалот.

Главните улоги ги толкуваат Сабина Ајрула и Симона Димковска, а останатата актерска екипа ја сочинуваат Ристо Стефановски, Александар Степанулески, Јовица Михајловски, Јасмина Василева и Верица Недеска Трајкова.

Авторскиот тим е составен од Димо Попов – кинематограф, Жаклина Крстевска – костимограф, Дејан Спасовиќ – сценограф, Анастасија Јордановска – шминка, Валентин Видовиќ – композитор на музика, Ристо Алчинов – дизајн на тон, Гоце Миланоски и Микал Рајх.

Ова е светска премиера на „Вера“, бидејќи како што посочи неговиот продуцент, Димитар Димовски, филмот не се прикажал на другите фестивали каде што е официјално селектиран поради ситуацијата со Ковид– 19.

Филмот е финансиран од Агенцијата за филм и е копродукција помеѓу Стори Скоп, Фокус Покус Филмс и Филмски институт – Охрид.