Светска галерија на карикатури во „Остен“ од денеска до 16 јуни

Во Галеријата на „Остен“ од денеска до 16 јуни ќе бидат претставени селектираните дела од учесниците на 47. Светска галерија на карикатури.

На конкурсот годинава се пријавени 260 карикатуристи со 1.027 дела од 36 земји во светот. Првата селекција ја направи познатиот карикатурист од Србија, Недељко Убовиќ, а за наградите одлучило петчленото интернационално жири: Градимир Здравковиќ од Канада, Марсија Гаглиарди од САД, Мурат Ердоган од Турција, Мустафа Рамезани од Франција и Мице Јанкуловски од Македонија.

Прва награда за сатиричен цртеж и е доделена на Слава Казаневски од Украина, прва награда за карикатура доби Слободан Срдиќ од Србија, прва награда за стрип доби Билиг Ба од Кина, а наградата „Цицо“ за македонски карикатурист ја доби Владимир Боројевиќ од Македонија.

Добитници на Посебна награда се: Даниел Едуардо (Аргентина), Григориј Дроботун (Русија), Ириен Трендафилов (Бугарија), Константин Казанчев (Украина), Мариан Лупу (Романија), Михел Моро Гомез (Куба), Мојмир Михатов (Хрватска), Поја Сарех (Велика Британија), Сунчица Божиновска (Македонија) и Владо Волаш (Србија).