Светска банка: Учениците во Македонија учат 11,2 години, ама знаат како да учеле само 6,8 години

До наполнети 18 години, децата во Македонија имаат 4,4 години јаз во образованието. Од предучилишно, основно и средно образование, тие во просек поминуваат 11,2 години, но кога годините ќе се прилагодат според квалитетот на наученото тоа е еднакво на 6,8 години образование. Ова се податоците од најновото истражување на Светска банка за Индексот на човечкиот капитал (ИЧК) на Македонија, кој е понизок од просекот на регионот.

Според истражувањето кое се изработува за 157 држави од светот, Индексот покажува дека дете, родено денеска во Македонија, кога ќе порасне ќе биде продуктивно само 53% од она што би можело да биде ако имало целосно образование и било целосно здраво. Индексот за Македонија покажува дека тој е повисок кај девојчињата отколку кај момчињата, односно 0,55 во споредба со 0,52 на скала од нула до еден.

Индексот покажува и дека учениците од Македонија достигаат резултат од 382 на усогласените тестирања на кои 300 претставува минимално, а 625 претставува напредно постигнување.

„Вредноста на индексот, особено вредноста на образовните показатели укажуваат на итно преземање мерки. Се чини дека досегашните реформи не го трансформирале образовниот систем доволно за да им помогне на мнозинството ученици да ги достигнат барем основните знаења“, вели директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели.

Тој смета дека темелна анализа на податоците од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) треба да е првиот чекор за можните активности во јавните политики и реформи кои се навистина насочени кон подобрувањето на образованието во Македонија.

Во моментов, Светска банка со кредит од 24 милиони долари ги поддржува напорите на Македонија за зајакнување на техничкото средно стручно образование и обука и високото образование, а со 34,6 милиони долари го поддржуваат пристапот до квалитетно рано детско образование и нега за сите деца.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, во коментар за извештајот на Светска банка изјави дека тој ќе биде детално анализиран и дека со меѓународните партнери и сите засегнати страни ќе креирааат политики за подобрување на ситуацијата.

„За нас се добродојдени секакви кредибилни извештаи преку кои се отсликува реалната состојба во нашата држава и во нашиот образовен систем. Преку нив можеме да видиме и да имаме јасна слика до каде сме и од тоа да зависат нашите политики за подобрување на состојбата во нашиот образовен систем, изјави Адеми.

*Првично објавениот текст е дополнет со изјава на министерот Арбер Адеми.