Повеќе од две третини од 15-годишниците во Македонија се функционално неписмени во читање, математика и природни науки. Додека според запишаните деца во основно и средно образование, земјава е најлоша во регионот исклучувајќи ги Босна и Херцеговина и Косово, за кои нема актуелни податоци.
Токму овие податоци од ПИСА тестирањата и Обединетите Нации, се потенцирани како влошување на човечкиот капитал кој ги ограничува можностите за раст и квалитетни работни места според новиот економски извештај на Светска Банка (СБ) за државите на Западниот Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија).
Македонија стои многу лошо и според податоците за младинската невработеност. Според проекциите на СБ, ситуацијата во овој сегмент нема да се намали значително и во следните две години и ќе се движи околу 48%. Косово и Босна и Херцеговина се единствените земји во регионот каде невработеноста на младите е повисока.
Според извештајот, за одржувањето на растот во земјите од Западен Балкан и справувањето со тековните предизвици поврзани со невработеноста, земјите треба да продолжат по патот на реформите. Поконкретно, потребни се понатамошна фискална консолидација и структурни реформи во сите шест земји за да се подобри ефикасноста на јавните сектори и да се зголеми конкурентноста на нивните економии со цел да се унапреди развојот на приватниот сектор.
Во извештајот се нагласува дека реформите треба да се фокусираат на областите на пазарите на трудот, деловното опкружување, ефикасноста на јавниот сектор и глобалната интеграција, но истовремено и да се осигури одржливата употреба на енергијата и природните ресурси.