Светска Банка: Младите од Западен Балкан се во критична ситуација на пазарот на трудот

Ниско едуцираните млади луѓе се најголемите губитници на пазарот на трудот во регионот последниве шест години. Ова се наведува како една од главните забелешки во последниот извештај на Светска Банка за трендовите на пазарот на трудот во државите на Западниот Балкан.

Извештајот кој ги анализира статистичките податоци за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Црна Гора и Србија, во периодот од 2010 до 2016 година, е изработен заедно со Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Како големи проблеми се наведени неактивноста и долгорочната невработеност на младите во регионот, како и тоа дека растот на економијата кај овие држави нема да биде доволен да се создадат доволен број нови работни места.

„Невработеноста е опадната за ниско или средно образованите, додека падот е значително помал кај високо образованите кадри. Високите нивоа на младинската невработеност – 57,6% во Косово, 54,3% во БиХ и блиску до 50% во Македонија покажуваат дека младите луѓе се соочени со критична ситуација на Западниот Балкан“, стои во извештајот.

Невработеноста и младинската невработеност квартално

Податоци за невработеноста и младинската невработеност

Потенцирано е и дека пазарите на трудот од земјите на Западниот Балкан се карактеризирани со висока невработеност. Се вработуваат високо образованите, но и оние кои се блиску до пензија.

Според нивото на образование, во сите земји од регионот, освен во Црна Гора, ниско образованите имале најголем пад во нивото на вработеност. 23% во БиХ, по што следува Македонија со 9,6%.

„Помалку изненадувачки, вработеноста е најмногу подигната кај постарите луѓе, на возраст од 55 до 64 години, во сите држави од Западниот Балкан. Најголеми губитници, пак, се ниско образованите, особено ниско образованите млади. Генерално, нивото на младинската невработеност останува критично високо“, пишува во анализата.

Дополнителен проблем е посочена и долгорочната невработеност. Во 2015 година, во просек, повеќе од 70% од невработените во Западниот Балкан, биле без работа подолго од една година. Овој тип невработеност, коа најмногу ги опфаќа младите, е највисока во БиХ (85%), Македонија (84%) и Црна Гора (78%).  .

Во периодот од 2010 до 2016, во регионот е забележано зголемување на вработеноста за 5%. Во тој период повисок бил бројот на новосоздадени работни места за жените отколку за мажите. Вработеноста во апсолутни бројки најмногу се зголемила во Србија и Македонија, а пад е забележан само во Албанија и БиХ.

Косово и Босна и Херцеговина имаат најголем пораст во продуктивноста на трудот, по што следува Македонија со помало ниво. Сепак, извештајот наведува дека порастот во Македонија е резултат на разликата меѓу високиот БДП и растот на вработеноста.

Од земјите на Западниот Балкан, само кај Косово и Македонија се забележува раст на работоспособното население од 2010 и 2016 година. БиХ, Албанија и Бугарија имаат најголем пад во оваа категорија.

Работноспособно население

Работноспособно население

Низ целиот Западен Балкан високи се процентите на неактивноста на младите на пазарот на трудот. Во целиот регион, во 2015 година, таа изнесувала. Младите жени се повеќе неактивни од младите мажи (78 наспроти 64 проценти).

Младите луѓе се најмногу застапени и во сферата на сивата економија.

Во заклучоците на извештајот се наведува дека предизвикот на пазарот на трудот во Западниот Балкан е структурен и дека растот на економијата, барем по сегашните нивоа, нема да биде доволен да се креираат доволно работни места. Дополнително се потенцира потребата за засилување на политиките на вработување и ефективноста на посредување во пазарот на трудот на страната на понудата на работна сила, додека за побарувачката потребно е засилување на конкурентноста и овозможување да се развијат нови сегменти на пазарот на трудот.