Церемонијата во чест на Нелсон Мандела во Јоханесбург со хорско исполнување на химната на Јужноафриканска Република (ЈАР) почна со задоцнење од речиси еден час поради поројниот дожд, пренесе МИА.
Комеморативниот собир во чест на починатиот поранешен јужноафрикански претседател Нелсон Мандела, најверојатно ќе биде еден од најголемите такви собири со генерации наназад, додека свое присуство досега најавија десетина илјади граѓани и речиси 60 шефови на држави и влади.
Стадионот во предградието Совето, во Јоханесбург, каде e планирана церемонијата во чест на Мандела, е полупразен, поради поројниот дожд што непрестано врне. Нешто пред 11 часот, кога беше предвидено да почне церемонијата, на отворениот објект со капацитет од 95 илјади лица, се собраа само околу 20 илјади луѓе. Властите очекуваат 80 илјади луѓе да присуствуваат на церемонијата.
Јужноафриканската Влада соопшти дека досега свое присуство потврдиле 53 функционери од највисоко ниво, како и дека списокот на претседатели, премиери, претставници на кралски семејства и познати личности, постојано се зголемува.
Присуство на комеморацијата, меѓу другите, најавија претседателот на САД Барак Обама и првата дама Мишел Обама, поранешните претседатели Џорџ Буш, Бил Клинтон и Џими Картер, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и неговиот претходник Кофи Анан, британскиот премиер Дејвид Камерон, претседателите на Франција и Германија, Франсоа Оланд и Јоаким Гаук, шпанскиот премиер Маријано Рахој и принцот Фелипе, како и бројни функционери.
Државниот погреб на Нелсон Мандела, првиот демократски избран претседател на Јужна Африка и добитник на Нобелова награда за мир и активист за човекови права ќе биде одржан на 15 декември.
Нелсон Мандела почина во четвртокот на 96-годишна возраст. Јужна Африка поради смртта на Мандела прогласи десетдневна жалост.