„Светот на младите“ – мултимедијален фестивал посветен на Светскиот ден на младите во рамки на Охридско лето

По повод Меѓународниот ден на младите, 12 август, на Охридско лето ќе се одржи мултимедијален сценски фестивал на младите насловен „Светот на младите“.

Изведбата претставува проектна иницијатива замислена и организирана од Дејан Лилиќ, Центарот за Креативен Развој од Скопје и Арт Вивенди, во соработка со Министерството за култура, Охридско лето, ЗОО Градината од Скопје, Сојузот на извидниците на РМ, Младинската асоцијација на средни стручни училишта – МАССУМ и средните училишта од РМ – М.Пупин, П.Караѓозов, В.А.Дрен, К.Рацин, И.Н.Луј од Скопје и Ј.Сандански од Струмица.

Во периодот од месец март до средината на месец јуни, извршена е прво широка, па потоа потесна селекција, на некои од најдобрите во моментов, музички, театарски и модни креативни средношколски тимови. По селекцијата и изборот на претставниците од средните школи следат заедничките работилници и проби со ментори и професионалци, се со цел усовршување на настапите, вештините и тимските способности.

Организаторите соопштуваат дека во моментов тече подготовката на официјалната програма и сценариото на фестивалот и музичките арт презентации на средношколците и нивните тимови пред публиката.

Програмата на „Светот на младите“ планирано е да опфати сценска презентација на музичките победници на МАССУМ Образовното рандеву 2017 од повеќе насочени средни училишта од државата. Настанот ќе да биде поставен на сцената – Долни Сарај  во термини одбрани во периодот од 12 до 17 часот.

На сцената пред публиката ќе се претстават во кабаре формат, со свои уметнички точки и дела, некои од најспоменуваните, најнаградуваните и најквалитетните средношколски музички, новинарски и видео тимови.

Замислата и целта на организаторите е ако не на овој, тогаш веќе на следниот Ден на младите, 12 август 2018, покрај најдобрите домашни средношколски арт тимови, на сцената на Охридско лето да се претстават и креативни тимови од градови од соседството, регионот, ЕУ и пошироко.

Интернационалниот ден на младите е ден посветен на глобалната свесност за младите. Како таков е востановен од Обединетите Нации во 1999 година.

Целта на овој ден е да се нагласи вниманието од потребата за ревидирање на начините како на младите да им се помогне подобро да се прилагодат, доживеат и реализираат себе во современото и модерно општество насекаде низ светот.