„Светот ја слави поезијата, градот ја слуша“ – Поетско-музички настан по повод Светскиот ден на поезијата

Во културно-едукативниот центар „Лабораториум“ во Скопје, вчера се одржа поетско-музичкиот настан „Светот ја слави поезијата, градот ја слуша“, со кој беше одбележан Светскиот ден на поезијата. Просторот беше исполнет со љубители на пишаниот збор и современата уметност, кои низ стих и музика сведочеа за живоста и актуелноста на поезијата денес.

На сцената настапија околу 30 домашни поетеси и поети, од различни генерации и со различни поетски сензибилитети, кои преку своите стихови ја отсликаа позицијата на современата македонска поетска мисла, која и понатаму останува простор на слобода, отпор и креативна потрага. Настанот, кој го модерираше поетесата и новинарка Александра Спасеска, беше тематски посветен на „патот“ – како лична, поетска и општочовечка одредница.

Вечерта ја отвори младата поетеса Ивана Јовановска со беседа за Светскиот ден на поезијата, во која поезијата беше поставена како чин на отпор и надеж во време на разнишани вредности. Таа ја афирмираше поезијата како нужна потреба и потрага по човечност, но и како активен одговор на стварноста.

„Додека сведочиме како се уништува човечкото, солидарното, заедничкото, сè уште непоколебливо верувам во моќта на стихот, во магијата на поезијата, во вистината на поетите.“

Посебен сегмент од вечерта беше посветен на поетите Тихомир Јанчовски, Игор Исаковски и Славица Гаџова Свидерска, чие творештво беше оживеано преку читањата на поетесите Виолета Танчева-Златева и Александра Спасеска. Музичкиот дел од вечерта беше исполнет со настапите на Зарина Прваседва и „Поетроника“. Настанот беше организиран од Издавачкиот центар „Три“, во соработка Општина Центар.

Исмет Шабановиќ