Свештеници од Пенсилванија сексуално злоупотребиле илјадници деца последниве 70 години

Врховниот суд на американската сојузна држава Пенсилванија го објави извештајот на големата порота во кој се наведени сексуални злоупотреби врз деца од страна на католичката црква, именувајќи повеќе од 300 обвинети свештени лица.

Истрагата на големата порота утврдила дека повеќе од 1.000 деца биле злоупотребени од членови на шест епархии во државата во последните 70 години, а било откриено и систематско прикривање на случаите од страна на црквата.

Овој извештај е последна истрага по обвинувања за сексуални злоупотреби од католички службеници на светско ниво.

„Во 18-месечната истрага идентификувани биле преку илјада жртви преку документите на самата црква. Веруваме дека вистинската бројка на деца, чии податоци се загубени, или биле исплашени да зборуваат јавно за тоа, е повеќе илјади“, стои во извештајот на големата порота објавен во текот на вчерашниот ден.

Во документот се наведува дека млади момчиња и девојчиња, како и тинејџери, биле злоупотребувани од свештени лица.

„Сите тие биле игнорирани од црковните водачи кои претпочитале да ги заштитат лицата кои ги правеле злоупотребите и нивната институција пред сè“, се наведува во извештајот.

Големата порота посочува и дека поради обидите за прикривање од високи службеници во црквата најголемиот дел од случаите се застарени за процесуирање.

Иако во извештајот се наведени стотици имиња на свештеници, некои од имињата останале прикриени поради тврдења дека именувањето ќе ги наруши нивните уставни права. Државниот јавен обвинител Џош Шапиро на пресконференција изјавил дека неговите служби работат на отстранување на прикриените имиња.

„Црковните лица рутински и намерно ги опишувале злоупотребите како игра, борење и несоодветно однесување. Не се работело за ништо од ова. Се работело за сексуална злоупотреба, помеѓу останатото и силување“, изјавил Шапиро.

Извештајот го критикува и надбискупот кардинал Доналд Вуерл од Вашингтон, кој во минатото бил дел од епархиите во Питсбург, за неговата улога во прикривањата на злоупотребите. Кардиналот, кој во моментов има многу висока функција во црквата, се бранел пред објавата на извештајот, изјавувајќи дека „постапувал одговорно, со внимание за жртвите и за превенирање на идни случаи на злоупотреба“.

„Извештајот ќе биде потсетник на големиот пад кој црквата мора да го признае и поради кој мора да бара извинување“, напишал Вуерл.

Правното тело на големата порота во Пенсилванија, кое било формирано во 2016 година, интервјуирало десетици сведоци и прегледало повеќе од 500.000 страници на интерни документи од секоја епархија во Пенсилванија, освен една, која претходно веќе била проверена.

Големиот дел од жртвите тврдат дека биле дрогирани или изманипулирани на некој друг начин. Некои од нив се сеќаваат дека биле тепани од членови на семејството кои не верувале на нивните сведочења.

Пенсилванија е дом на повеќе од 3 милиони католици. Според американските медиуми Пенсилванија има најголем број на истраги на големата порота во САД за сексуално злоупотребување на деца од црковни лица.