Свен Ват на Грин Бич Фестивал во Охрид

Грин Бич Фестивал на 29-ти јули ќе го претстави своето осмо издание, со харизматичниот великан на електронската музичка сцена –  Свен Ват (Sven Väth). Ват, кој се смета за еден од најдобрите светски диџеи и продуценти, ќе настапи во рамки на својата нова турнеја, со која ширум светот се одбележуваат 20 години од првата, култна Cocoon забава.

Неговиот клубот Cocoon во Франкфурт беше прогласен за најдобар клуб во светот според славниот Микс Маг (Mix Mag). Има настапувано на најпознатите места познати по клупската сцена, како Франкфурт, Лондон, Ибица, Сао Паоло и Токио.

Папа Свен, како што најчесто го нарекуваат колегите и фановите, денес е на апсолутниот врв по повеќе од 35 години на сцената. Во октомври минатата година во рамки на гигантскиот Amsterdam Dance Event, тој прослави 20 години на чело на една од најзначајните издавачки куќи на сите времиња – Cocoon, чија истоимена клупска ноќ на Ибица трае веќе рекордни 16 сезони без прекин.

Својата кариера ја започнува уште во 1980 година кога на 16-годишна возраст стопирајќи заминува на Ибица и таму поминува полни три месеци. Набргу застанува зад грамофонот, а плочите без контролери и лаптопи и ден денес ги користи како единствена алатка и тоа со неверојатна прецизност. Неговата колекција брои десетина илјади плочи.

Покрај Свен Ват на Грин Бич Фестивал доаѓаат и други значајни имиња од светската и домашната сцена кои наскоро ќе бидат објавени, како и информациите за стартот на продажбата на влезниците.