Свечен концерт на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје

posterИ оваа година Факултетот за музичка уметност – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со целовечерен концерт ќе го прослави денот на своето основање. На концертот закажан во сабота, на 6 декември ќе настапат студентите од првата генерација по балетска педагогија, заедно со Студентскиот симфониски оркестар предводен од маестро Саша Николовски-Ѓумар. На програма се делови од балетите на Александар Глазунов, Петар Илич Чајковски, Лудвиг Минкус, како и дела од Астор Пјацола, но и македонските композитори Драган Даутовски и Кирил Џајковски.

Оваа година прославуваме 48 години постоење на Факултетот за музичка уметност – Скопје. Како и претходните години, свеченоста ќе започне на денот на неговото основање – 6ти декември, попладне, кога во просториите на Факултетот ќе бидат доделени дипломите на завршените студенти на додипломските и последипломските студии на нашата установа.

Во 19:00 часот во фоајето на Македонска опера и балет ќе се одржи промоција на првиот број на меѓународното научно списание Аrs Academica, издание на Факултетот за музичка уметност и Факултетот за драмски уметности, по што прославата ќе продолжи со изведбата на студентите на свечениот концерт.

Овој концерт е особено значаен бидејќи со него ја промовираме првата генерација студенти од катедрата за балетска педагогија меѓу кои се веќе познати имиња на денешниот македонски балет. Нивните настапи, заедно со изведбата на Симфонискиот оркестар составен од студентите на инструменталниот оддел, без сомнение, ќе бидат запаметени“, вели деканот на ФМУ – Скопје професорката Гордана Јосифова-Неделковска.

Факултетот за музичка уметност во Скопје е првата високообразовна институција од ваков вид во Република Македонија. Формиран е во 1966 година, како Висока музичка школа. Значајни се и дстрелите на планот  на  меѓународната  соработка,  преку  учество  на  странски  професори во реализирањето на наставата на  ФМУ,  и  обратно.

Истовремено студентите од ФМУ учествуваат на разни стручни семинари, изведувачки кампови во странство, а самата институција е домаќин на гостувања на странски студенти. Свечениот концерт по повод денот на основањето на ФМУ – Скопје ќе се одржи во Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот.