Супермесечината и нејзиното затемнување – кога и како ќе се гледаат од Македонија?

Ноќта помеѓу недела и понеделник (27 и 28 септември), ќе бидеме сведоци на ретка и интересна појава: затемнување на супермесечина. Затемнување на Месечината и појава на супермесечина се релативно чести и се случуваат барем по еднаш секоја година барем по еднаш. Меѓутоа едновремена супермесечина и нејзино затемнување се јавува многу поретко: еднаш на 15-40 години, пишува igeografija.mk.

Последен пат ваквата појава се случила во 1982 година и оние помлади од 32 години за прв пат ќе имаат можност да видат затемнување на супермесечината. Во недела околу 18 часот, на источната страна на небото ќе се појави полна Месечина, која до 19-20 часот ќе изгледа речиси двојно поголема од вообичаено.  Причината за ова, освен малата оддалеченост од Земјата во овој период (само 362 000 км во однос на просечните 385 000 км) е ниската положба на хоризонтот и големото прекршување на светлината низ атмосферата при што се создава ефект на леќа.

Од 20 часот, до 05 часот рано наутро во понеделникот, ќе се гледа вообичаената супермесечина, која биде за околу 14% поголема од нормална полна Месечина. Помеѓу 05 и 06 часот, Месечината повторно ќе се зголеми заради ниската положба при нејзиното заоѓање на западниот хоризонт, односно супермесечината ќе може да се гледа цели 12 часа.

Затемнувањето пак ќе трае само два часа и од Македонија ќе биде видливо помеѓу 03.30 и 05.30 часот (рано наутро во понеделникот). Истото ќе настапи релативно брзо, а без оглед на положбата на Земјата точно помеѓу Сонцето и Месечината, слаба дифузна светлина ќе се пробива до површината на Месечината давајќи и бледо-црвеникава боја (појава на т.н. „Крвава Месечина“). За разлика од целосното затемнување на Сонцето кое е сосема кратко (2-3 минути) и во тесен појас, затемнувањето на Месечината ќе може да се гледа речиси од целата Земјина топка и тоа како што рековме, нешто повеќе од два часа.

Особено интересен момент ќе биде почетокот на затемнувањето (03.15 – 04.10 часот), кога ќе може да се види како сенката од Земјата постепено ја прекрива Месечината (оваа фаза уште во античко време била доказ дека Земјата е топчеста). За квалитетно да се фотографира појавата, доволен е солиден фотоапарат со зголемување од барем 5-10 пати (оптимално зголемување е 20-30 пати), чиста позиција отворена кон југ и секако ведро време. Фотографиите ќе изгледаат како да се снимени со филтер во црвеникаво-портокалова боја, а посебно интересни ќе се оние од почетокот на затемнувањето.

Следната ваква појава ќе се случи во 2033 година.