„Суперхикс”, „Прљаво казалиште” и „Љубојна” на Вевчански карневал

Карневалот во Вевчани ќе се случува од 9 до 14 јануари, а манифестацијата веќе ја потврди главната музичка програма за 12 и 13 јануари, на која пред посетителите ќе настапат повеќе музички имиња од земјава и регионот.

На 12. јануари во рамки на оваа програма во Вевчани со концерт ќе гостува „Суперхикс”, познати по енергичните и еуфорични настапи како докажан бенд кој гарантира ново концертно лудило. Покрај нив, Вевчанскиот карневал ќе ги пречека и регионалните музички ѕвезди, хрватскиот легендарен бенд „ Прљаво казалиште“ кои можат да се пофалат со дури 18 студиски изданије и повеќе безвременски хитови.

На 13. јануари музичката програма на Вевчански карневал ќе ја предводи музичкото име кое на најдобар начин го негува традиционалниот македонски звук, групата „Љубојна брас фантази“. Во овој состав групата е актуелна со концертите насловени „Музика на дланка“ со кои на секое свое гостување и настап ја восхитуваат публиката. На нив Вера Милошевска Јосифовска и Оливер Јосифовски, со тајфата бројни соработници, правејќи пресек на досегашното музичко творештво, на извонреден начин успеваат да ја одведат публиката до срцевината и сончевината на македонскиот музички јазик. Покрај нив, истата вечер ќе настапи и фолк пејачката Елена Велевска.

Во рамки на програмата ќе бидат одржани повеќе свечености, промоции, перформанси, концерти на познати музички групи и секако традиционалната карневалска поворка која ќе финишира со традиционалното палење на маските на 14. јануари, со што и официјално ќе биде затворен Вевчанскиот карневал.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува повеќе од 1.400 години и кој се одржува за време на василичарските празнувања.