„Суперхикс“ и „Пеперминт“ во „Метропoлис Арена“ за Нова година

„Суперхикс“ и „Пеперминт“ ќе бидат дел од новогодишната вечер во „Метропoлис Арена“, заедно со Самоил Радински, Гоце (САФ) и „ЛД Пистолеро“.

„Метрополис Арена“ е веќе подготвена за пречекот на Новата 2015. година, информираат организаторите на настанот, „Октопуси Ентертеинмент“.

Гаранцијата за новогодишната фешта на овој настан доаѓа и директно од „Суперхикс“, познати по енергичните и еуфорични настапи и кои новогодишното концертно лудило „Хикси“ го најавија и со видео поздрав до својата публика.

Алтернативна музичка дружина на „Пеперминт“ важи за едно од најголемите освежувања на домашната музичка сцена и се препознатливи по исклучително позитивната атмосфера која владее на нивните настапи, а доказ за нивниот квалитет се и бројните успеси кои бендот во континуитет ги остварува во последните години.

За новогодишната вечер задолжени за енергично хип-хоп лудување ќе бидат и македонските хип-хоп ѕвезди, еден од најактивните рапери на домашната сцена Владимир Пешков познат како „ЛД Пистолеро“кој ќе настапи заедно со диџеј Гоце (САФ), кој на крајот на 90-тите беше познат на македонската андерграунд сцена како дел од групата САФ. Ова дуо со своите соработки е веќе добро познато во скопските хип-хоп и р&б кулоари по најдобрите забави во градот и зад себе имаат низа успешни соработки со релевантни имиња од домашната и регионалната хип-хоп сцена.

На самиот почеток на Новата година забавата во „Метрополис Арена“ ќе го очекува својот максимум со настапот на Самоил Радински, диџејот и продуцент кој активно ја промовира електронската музика уште од самите почетоци на оваа музика како движење. Тој е познат по квалитетот на сопствената продукција и творештво, ги промовирал и настапувал со низа артисти како што се Derrick May, Kevin Saunderson, Carl Craig, Kenny Larkin, Gene Farris, Fabrice Lig, Funk D’ Void и многу други.

„Вечерта на 31. декември во „Метрополис Арена“ во Скопје дочекајте ја 2015. на најдобар начин со познатите „виновници“ за незаборавните журки и музичките имиња кои станаа препознатливи по одличната атмосфера на нивните настапи, големиот број фанови и исклучителните концерти“, порачуваат организаторите.