Судири на протестите во Перу поради помилувањето на поранешниот претседател

Полицијата во Перу употреби солзавец и се судри со илјадниците демонстранти кои протестираа бесни на одлуката на властите за помилување на осудениот поранешен претседател на државата, Алберто Фуџимори.

„Не за помилувањето!“ викаа граѓаните во главниот град Лима за време на вториот ден протести кои започнаа на Божиќ, пренесува ББЦ.

Фуџимори, кој отслужуваше 25-годишна затворска казна поради корупција и кршење на човековите права, беше помилуван од актуелниот претседател Педро Пабло Кучински поради здравствени причини.

Кучински ги отфрли сомнежите дека помилувањето на Фуџимори е дел од договор со неговата партија од минатата недела со кој треба да избегне импичмент поради наводно примање нелегални исплати од бразилската градежна компанија Одебрехт.

Во протест поради помилувањето два члена на партијата на претседателот Кучински дале оставка од пратеничките функции во перуанскиот Конгрес.

Во меѓувреме, приврзаниците на човекот кој го предводеше Перу од 1990 до 2000 година го славеа ослободувањето на поранешниот претседател пред болницата каде се наоѓа Фуџимори. Тој од дел од Перуанците е почитуван како човек кој се справил со бунтовниците маоисти, но, критичарите го сметаат за корумпиран диктатор.