Десетици тинејџери се повредени откако полицијата во Бангладеш употребила солзавец и го исклучила пристапот до интернет на учениците кои демонстрираат повеќе од една недела со барање за поголема сигурност во сообраќајот.
Илјадници ученици од повеќе училишта и колеџи од неделата почнаа да го блокираат сообраќајот во главниот град Дака на демонстрациите кои се одвиваат осми ден по ред во револт поради смртта на двајца тинејџери кои биле прегазени од автобус кој се движел со голема брзина.
„Беше мирен протест но, одеднаш, полицијата употреби солзавец кон нас и повреди повеќе лица“, изјавил за ДПА Мохамад Атикур Рахман, еден од демонстрантите.
Според медиумските извештаи во насилната акција на полицијата биле тепани и неколку новинари на кои им биле одземени нивните камери од припадници на владејачката парија Лига Авами. На една од снимките која се прошири на социјалните мрежи се гледа како ученици и студенти, кои наводно се про-владини симпатизери, напаѓаат и удираат новинар од агенцијата Асошиејтед Прес.
#VIDEO Journalists, incl. @AP photographer @ahadfoto, covering #Dhaka #WeWantJustice student protests severely injured by armed attackers in police presence. @dailystarnews says attackers from ruling Awami League’s student front #Bangladesh Chhatra League: https://t.co/C2nbd3qWf5 pic.twitter.com/dZ5VOQqS3L
— Mahfuz Sadique / মাহফুজ সাদিক (@MahfuzSadique) August 5, 2018
Десетици други демонстранти биле нападнати од луѓе за кои се смета дека се про-владини активисти, некои од нив вооружени со мачети.
„Про-владините ученици напаѓаа. Ги скршивме бравите од една зграда и околу 50 момчиња и девојчиња се засолнивме внатре. Новинарите ни помогнаа да си одиме мирно. Полицијата употреби солзавец и гумени куршуми. Про-владините ученици исто така ги напаѓаа и ги малтретираа девојките“, вели младиот демонстрант Хасан.
Младинските протести го парализираа главниот град на Бангладеш. Според некои информации дел од демонстрантите ги проверувале возачките дозволи на учесниците во сообраќајот и регистарските таблички. На социјалните мрежи во меѓувреме има голем број повици за оставки на владини функционери.
Министерот за образование наредил затворање на училиштата додека траат протестите и ветил дека ќе се разгледаат барањата на демонстрантите.