Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Париз поради цените на горивата

Нови жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата избија вчера во Париз поради цените на горивата. Интензивните случувања по улиците на француската престолнина траеја до попладнето.

Полицијата употреби солзавец против демонстрантите кои се обидуваа да ги урнат заштитните огради на Шанзелизе. Полицијата потоа се повлече, а демонстрантите го зазедоа булеварот. Оградите ги расфрлаа под Триумфалната порта.

Сепак, полицијата со нова офанзива со солзавец и водени топови ги разбрка демонстрантите од најпознатиот париски плоштад. Потврдени се 16 апсења. Вчера околу 13:30 часот демонстрантите повторно го зазедоа плоштадот и запалија автомобили, па полицијата возврати со водени топови.

Станува збор за демонстрантите чие обележје станаа жолтите елеци кои ги носат. Демонстрантите кои ги почнаа поради цените на горивата прераснаа во протести против францускиот претседател Емануел Макрон.

Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер изјави дека станува збор за „1.500 провокатори“ на приодите на Елисејските полиња каде инциденти избија трет викенд од националната мобилизација на „жолтите елеци“.