Судир помеѓу демонстрантите и полицијата во Бејрут, премиерот повика на предвремени избори

Антивладини демонстранти упаднаа вчера во зградите на либанската влада, вклучително и Министерството за надворешни работи, како дел од демонстрациите по смртоносната експлозија во Бејрут, пренесува „Еуроњуз“.

Полицијата им пушти солзавец и се судри со илјадниците демонстранти кои се собраа во центарот на либанската престолнина.

Либанскиот Црвен крст во изјава рече дека најмалку 63 лица биле транспортирани во блиските болници, а други 175 биле третирани на местото на настанот. Според АФП, најмалку еден полицаец починал во судирите.

Во меѓувреме, министерката за информации на Либан, Манал Абдел-Самад, поднесе оставка и упати и извинување на либанската јавност.

Премиерот на Либан, пак, рече дека ќе предложи предвремени избори, повикувајќи ги политичките партии да ги остават настрана несогласувањата.

Демонстрантите ја обвинуваат владината небрежност и корупција за експлозијата во која загинаа повеќе од 150 луѓе, а беа повредени илјадници оваа недела.

Властите велат дека експлозијата во Бејрут делумно се должи на 2.750 тони на амониум нитрат, кои со години биле чувани во магацин покрај пристаништето.

Демонстрантите кои упаднаа во Министерството за надворешни работи ги повикаа министрите од владата да си дадат оставки.

Експлозијата во пристаништето во Бејрут остави најмалку 300.000 луѓе во либанската престолнина бездомници и оштети скоро половина од градот.

Либанските цариници тврдат дека ги предупредувале властите за присуството на залихи на опасен материјал на пристаништето.

Експлозијата се случи во време на најтешката економска рецесија во Либан. Либанската валута изгуби 80% од својата вредност во однос на американскиот долар.

Либанскиот народ започна да протестира против корупцијата во владата кон крајот на минатата година, во услови на невидена економска криза. Демонстрантите ја обвинија владата за децении корупција.

Земјата преговараше со Меѓународниот монетарен фонд за да ја спаси тонечката економија.