Судењето на Богоевски одложено за 21 декември, одбраната ќе го анализира вештачењето

За 21 декември е одложен судскиот процес за активистот на Шарената револуција, Павле Богоевски, кој Обвинителството го товари за учество во топла што ќе изврши кривично дело, односно за штета врз објектот на Министерството за култура.

Богоевски и одбраната многу кратко се задржија во Основниот суд Скопје 1. Спротивно на минатото рочиште кога се бараше претставник од Министертство за култура, кој се очекуваше денеска да даде исказ, сепак, на рочиштето излезе писмено вештачење за наводната штета.

„Тоа го добив пред 2 минути, не можам да го коментирам, туку треба да го анализирам, па да заземеме став дали е тоа релевантно, дали е изготвено, дали е нарачано од областа на органите. Ќе ни треба малку време. Видов некои нули, само треба да го проанализираме тоа, па ќе заземеме свој став. Да немаме забуна, судот воопшто не е виновен, бидејќи и судот денеска го доби вештачењето“, рече аквокатот Сашо Дуковски.

Тој не знаеше да одговори колкава е штетата, но забележи дека вештачењето е изработено во мај, а дури денеска го добиваат.

„Вештачењето е од 10 мај. Судот не може да го фабрикува, и тој денеска се запознава со ова. Ќе беше многу несериозно од моја страна да се впуштам во денешната расправа“, нагласи Дуковски пред новинарите.

Во улога на сведок на рочиштето присуствуваше активистот Демијин Хаџи-Ангелковски. Нагласи дека рочиштето е одложено за 21 декември, со што, вели тој, продолжува и голготата која ја трпи Павле Богоевски.

„Повеќе од очигледно е дека правдата во Македонија не може да биде брза и ефикасна“, смета Хаџи-Ангелковски.

Б.Ш. – Е.П.