Субвенции за вработените во медиумите и обезбедување маски и ракавици за избори, одлучи Владата

На вработените во медиумите кои известувале за Ковид-19 ќе им бидат субвенционирани придонесите од задолжително социјално осигурување, одлучи Владата на Северна Македонија на синоќешната седница.

Со донесената Уредба со законска сила се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со КОВИД-19 за време на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година.

Дополнителна помош е предвидена и за радијата на кои нема да им се наплати годишниот надоместок за 2020 година, односно доколку извршиле плаќања за оваа година, тоа ќе им се смета како да извршили наплата на годишниот надоместок за 2021.

За поддршка на домашните хотели Владата одлучи да се кофинансираат трошоци за организирање на настани, обуки, семинари и конференции до 50 проценти од трошоците, но не повеќе од 30.000 денари.

„Настаните обуките, семинарите и конференциите треба да бидат организирани во категоризирани угостителски објекти во Република Северна Македонија. За оваа цел, Министерството за економија ќе објави Јавен повик за доделување на субвенции за кофинансирање на трошоците за организирање на настани, обуки, семинари, и конференции на кој право на учество имаат сите заинтересирани правни лица, фондации и здружениjа на граѓани, кои ги исполнуваат условите што ќе се предвидат во јавниот повик“, додаваат од Владата.

На седницата беше одлучено и со 14.500 денари за месеците април и мај да им се помогне на естрадните уметници за време на вонредна состојба. За исполнување на критериумите за користење на оваа финансиска поддршка, од Владата велат дека ќе одлучува посебна комисија во која ќе членуваат истакнати естрадни уметници.

Дополнително од Владата одлучија и да се задолжат повеќе институции за подготовка за изборите кои треба да се одржат 22 дена по престанокот на вонредната состојба. МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите кои Државната изборна комисија ќе ги впише во избирачкиот список по службена должност, додека Mинистерството за здравство се треба да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

На оваа седница Владата го разгледа и усвои записникот од Седумдесет и првиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, одржан на 10 јуни 2020 година, и ги усвои протоколите за иселување на студенти од објектите на државните студентски домови и за постапување на средните музички училишта за време на полагање на квалификационен испит на учениците во учебната 2020/2021 година.