Субвенции за електрична енергија не им се потребни само на социјалните корисници, туку и на оние со ниски приходи

Листата на корисници на субвенции од државата за покривање на дел од трошоците за електрична енергија, потребно е да се прошири и во неа да бидат вклучени и семејства со ниски приходи, со само еден вработен, невработените лица и стечајците. Сега ова право на месечна поддршка од 1.000 денари го остваруваат единствено околу 30.000 лица во државава кои примаат социјална помош, а кои спаѓаат во таканаречената група на енергетска сиромаштија, објави Мета.

За да се прошири списокот потребни се претходни законски измени како и анализи кои вклучуваат и воведување на заштитни механизми, дека овие пари од буџетот на државата се користат токму за она што се наменети, за покривање на дел од трошоците за електрична енергија. Во досегашната практика, овој контролен механизам не постои, односно средствата едноставно се префрлаат на трансакциските сметки на ранливите групи граѓани, кои потоа можат да ги користат и за други потреби.

Ова се препораките од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), од каде за Мета.мк велат дека течат преговорите со Владата, министерствата за труд и социјална политика и за економија и со синдикатите, за дефинирање на законските измени кои ќе значат воведување на нови правила во исплатата на парите за енергетска сиромаштија и дека до крајот на годината би можело да се очекува нешто конкретно на тој план.

„Наша предлог идеја е да се зголеми опфатот на лицата што ќе добиваат енергетски додаток, а не само тој да важи за околу 30.000 социјални корисници. Има граѓани кои не можат да си ги платат сметките за струја и ним исто така треба да им се помогне. Тука спаѓаа и оние кои живеат со 25-30.000 денари месечно, колку што е минималната кошничка, стечајците, семејствата со само еден вработен и слични категории. При тоа, битно е парите да одат директно на снабдувачот со електрична енергија, од трансакциска сметка, што ќе биде во корист и на ликвидноста на енергетскиот систем. На тој план ќе треба повеќе да се работи, затоа што голем број на броилата гласат на друго име, а не на корисникот на живеалиштето. Може да се воведе и опцијата на ваучери за струја. Има расположение од институциите и ќе ја туркаме работата“, вели за Мета.мк, Марко Бислимовски, претседател на РКЕ, кој додава дека ќе се разгледува и можноста за зголемување на сумата.

Статусот енергетски сиромашни лица се однесува за оние кои немаат средства за да ги платат трошоците за енергетски услуги, како греење, осветлување, употреба на електрични апарати и кои живеат во енергетски неефикасни домови.

Државните субвенции за енергетски сиромашните лица во РСМ се исплаќаат од 2016 година (кога прво изнесуваа по 600 денари месечно), за периодот од октомври до април, додека трае грејната сезона. Лани, со почетокот на пандемијата, со владина уредба паричниот додаток e продолжен за сите месеци од годината, со цел намалување на ризикот од енергетска сиромаштија. Спoред Законот за социјална заштита, можност за користење на овој додаток има категоријата ранливи групи, корисници на социјална помош, кои ги добиваат субвенциите за електрична енергија заедно со месечната исплата на социјална помош.

Според ЕУ регулативите, енергетската сиромаштија мора да се реши со интегрираните национални планови за енергија и клима на секоја земја-членка (NECP). Тие 10 годишни планови (од 2021–2030) мора да ги подготви секоја земја која работи на стратегии за справување со климатската криза, како што е намалување на емисиите на штетни гасови, инвестиции во обновливи извори на енергија и слично.

Националните планови за клима и енергија мора да вклучуваат проценка на бројот на домаќинства во секоја земја кои живеат во енергетска сиромаштија за да се гарантира основен стандард на живеење, постојната социјална политика и други политики, кои се засноваат на заеднички пристап за енергетска сиромаштија.

Мета