Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија со поддршка на Британската амбасада во Скопје денеска ги промовираа условите, можностите и придобивките од Чивнинг стипендиите, со што беа одбележани 20 години од оваа стипендија во Македонија и 30 години на глобално ниво.
Британскиот амбасадор во Република Македонија Чарлс Гарет истакна дека Чивнинг стипедиите се можност за студирање на одлични факултети во Велика Британија со што студентите стануваат членови на меѓународна мрежа на стипендии.
– Стипендиите Чивнинг се целосни, ја покриваат школарината, сместувањето и другите трошоци во Британија. Досега од Македонија испратени се околу 140 студенти, стипендисти, а на глобално ниво доделени се околу 42.000 стипендии во разни полиња од политика и бизнис до култура и дизајн, рече амбасадорот Гарет.
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, кој е Чивнинг стипендист од 2007 година нагласи дека Чивнинг програмата е одлична можност за младите во Република Македонија за стекнување образование во реномирани светски универзитети, но и за запознавање и соработка со различни култури на млади од целиот свет. Студентите, како што појасни, имаат можност за размена на идеи, мотивација за иднина, да учат од најнова литература, најовите трендови во теоријата и практиката на светско ниво, како и отвореноста на критичното мислење.
За претседателот на македонската Чивнинг Алумни асоцијација Ана Мешковска, која е стипендист на менаџмент и организациски иновации во 2012 година, едногодишните студии во Обединетото Кралство и ги промениле перспективите од сите аспекти во животот, но и овозможиле и контакти со студенти од целиот во свет.
– Концептот на образование во Велика Британија е сосема различен на концептот на кој сме навикнати тука. Основата е критично размислување, кое во нашата земја се уште не е толку развиено, а мислам дека е неопходно за соодветен развој на една земја во сите сфери, рече Мешковска.
Рокот за аплицирање за стипендијата Чивнинг е отворен до 15 ноември 2014.
Извор: МИА