Студиска посета на Музејот на криминалистика

На 12 јули 2014 година (сабота), 80 членови на Младински образовен форум (МОФ) го посетија Музејот на криминалистика при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кој се наоѓа во посебна музејска зграда во рамките на Полициската академија во Идризово.

Прва група

Оваа посета беше втора по ред национална посета во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество која е наменета за најактивните и најредовните членови на почетните и напредните Учиме право клубови во Скопје, Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Штип и Гевгелија. Минатата година, првата посета од ваков вид се реализираше во Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија.

На почетокот на учебната 2013/2014 година, во рамките на овој проект, се направи регрутација на нови членови на овие Учиме право клубови кои, меѓу другите теми и содржини, во мај слушаа предавања од областа на казненото право. Средношколците кои членуваа во Учиме право клубовите научија учеа за новата кривична постапка, видовите кривични дела и соодветните санкции кои следуваат според Кривичниот законик на Република Македонија, а земаа и учество во симулација на главна расправа според новиот Закон за кривичната постапка.

Втора група

Следствено на овој курикулум, оваа национална посета се организира како завршен настан кој е поврзан со предавањата за казненото право, за младите да имаат прилика да слушнат нешто повеќе за различните кривични дела во Република Македонија. Настанот е реализиран со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.