Студио за анимација „Lynx“: Нашата амбиција е да се искачиме на врвот на светската 2Д анимација

„Lynx Animation Studios“, првото македонско студио за рачно нацртана 2Д анимација, прослави една година постоење. Во изминатава година работеле на повеќе игри, анмирани серии, видео спотови, но и нивниот најголем проект – првиот македонски долгометражен анимиран филм – „Јон Вардар против Галаксијата“.

Филмот е замислен како „најсмешната вселенска опера на сите времиња“, а ги следи авантурите на Јон Вардар, кој го киднапираат вонземјани и завршува со најмоќното вселенско оружје во неговата глава. Со тоа, Јон може да претвори во реалност се што ќе замисли во својата глава. Цртежите кои се користат за анимираниот филм ги изработува познатиот илустратор, Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.

Радио МОФ разговараше со креативниот директор на Lynx, Гоце Цветановски, кој откри повеќе за овој огромен проект и предизвиците на работењето со анимација на мал филмски пазар како што е македонскиот.

Најтешкиот аспект на работата со анимација во Македонија, вели Цветановски, е да се најдат квалификувани и талентирани аниматори.

„Мора да прецизираме дека ние како студио сме специјализирани за 2Д анимација, така што нашите аниматори пред се треба да знаат да цртаат. Во Македонија има само една универзитетска катедра специјализирана за анимација, тоа е во Европската Филмска Театарска и Танцова Академија (ЕСРА). Ние имаме договор за соработка со нив и неколку од нашите уметници доаѓаат од таму. Но, повеќето уметници кај нас се со традиционално уметничко образование, а потоа ние ги дообучуваме. Имаме интерен систем за обука, но артистите мора да имаат солиден талент за цртање за да можат да работат како аниматори“, вели тој.

Предизвиците во анимацијата, каде и да се работи на неа, вели, се бројни. Смета дека тоа е долг и макотрпен процес, за кој треба многу посветеност и трпение, а воедно е и скап, така што во Македонија само најголемите компании би можеле да си дозволат да работат со нив.

John Vardar vs the Galaxy – Teaser from Goce Cvetanovski on Vimeo.

„Бидејќи анимацијата која ја работиме ние е рачно цртана, за разлика од дигитална 2Д анимација која е прилично побрза и поевтина, резултатот е многу различен. Затоа фокусот на работа ни е свртен кон странство. Дури и за нашите проекти мораме да имаме странски партнери за да може во целост да се реализираат“, додава Цветановски.

Во своето едногодишно постоење, најмногу работеле на развојот на нашите два главни проекти, долгометражниот „Јон Вардар против Галаксијата”, како и анимираната ТВ серија „Змејска градинка“, која месецов ќе ја презентираат на Картун Форум, најголем европски пазар за финансирање на проекти за ТВ серии.

Освен тоа, работеле и на развојот на уште една ТВ серија „Нинкау – нинџа крава“ во соработка со уметници од Италија. Снимиле и два кратки филмови кои веќе беа селектирани на преку 10 фестивали. Издадени се и две видео игри за мобилни телефони (Андроид и ИОС), а има уште четири видео игри и еден краток филм кои ќе бидат објавени во наредните 6 месеци.

„Јон Вардар против Галаксијата“ е прилично скап проект за нашето поднебје. Од Lynx велат дека почнале да работат на филмот со помош на приватен инвеститор, кој верувал во проектот и вложил прилично голема сума за разработка.

„Потоа со разработеното досие конкуриравме на повеќе меѓународни пазари за копродукција, каде што ја имавме честа да бидеме селектирани во конкуренција со други анимациски студија кои постојат и над 30 години и веќе се добитници на Оскари, Еми и други награди. Се работи за пазарите Крос видео дејс во Париз, Вишеград Форум за Анимација, Штутгарт Анимејшн продакшн деј, Картун 360 во Барцелона и  Софија Митингс во Бугарија. Самата селекција на овие пазари беше гаранција за квалитетот на проектот. Реакцијата на странските продуценти беше зачудувачка, уште на првиот пазар во Софија добивме понуда за копродукција од 8 земји. На овој и на другите пазари запознавме други продуценти на кои им се допадна проектот и потпишавме пред-договори за копродукција“, раскажува.

Во моментов, филмот би требало да биде копродукција со Германија, Франција, Украина и Бугарија. Но овие пред-договори ќе стапат во сила единствено доколку ко-продуцентите успеат да обезбедат средства од нивните филмски фондови. Цветановски вели дека има и неколку странски телевизии и дистрибутери кои се заинтересирани за откуп на правата за дистрибуција на филмот во нивните земји.

„Голема помош беше што добивме поддршка од Агенција за филм на Република Македонија, тоа официјално ни даде за право да почнеме да го организираме  почетокот на продукцијата кој го планираме за јануари идната година. Исто така моментално има и неколку приватни инвеститори кои се заинтересирани да бидат финансиери на филмот“, вели Цветановски.

Вели дека од реакцијата на публиката се максимално задоволни. Се разбира, додава, има и некои замерки од време на време, но таквите критики ги земаат како репер за да го подобрат проектот.

Се надеваат дека ќе успеат да се пробијат на светскиот пазар.

„Ние веќе почнавме со успешно пробивање, бидејќи освен тоа што нашите проекти предизвикаа интерес кај странски инвеститори, исто така почнавме да работиме за врвни клиенти од сите страни на светот. Нашата амбиција е да се искачиме на врвот на светската 2Д анимација, а дали ќе успееме во тоа ќе покаже времето“.