Студија за млади – препораки и чекори за подобар животен стандард кај младите

Реновирање на студентските домови, поттикнување младински активизам и волонтерство, воведување задолжителна пракса за секој студент и општо подобрување на стандардот на живот кај младите. Ова се само дел од препораките кои фондацијата „Фридрих Еберт“ ги презентираше денес по објавувањето на резултатите од студијата за млади на Северна Македонија за 2018/2019 година. Ова истражување имаше за цел да ги идентификува, образложи и анализира ставовите на младите и нивните модели на однесување во современото општество.

Студијата има опфатено широк спектар на прашања од најразлични сфери како што се образование, миграција, политичко учество, вработување, слободно време и многу други. Ова е второто по ред вакво истражување, по првото во 2013 година, што овозможи и компаративен метод помеѓу различните резултати добиени по 5 години.

„Студијата е поделена во 5 поглавја: животен стил и слободно време, мобилност, индивидуа – релации со други, брак и семејство, образование и вработување и политика и демократија“, објасни Нита Старова од фондацијата „Фридрих Еберт“, „таа покажува дека е потребна понатамошна работа и подобрување во сите сегменти од младинскиот живот.“

Како што вели Старова, главни проблеми кои можат да се увидат од резултатите се, пред се, високиот процент на младите со желба за миграција и воглавно нискиот стндард за живот. Но, на прашањето колку тие преземаат нешто конкретно во врска со нивните желби за напуштање на земјава младите генерално одговараат дека не преземаат ништо или барем ништо конкретно. Според Старова, ова значи дека доколку се поработи на подобрување на условите и доколку се слушнат нивните барања и вистински се земат во предвид, тие би останале во земјава.

„Од друга страна, позитивно во резултатите од студијата е што младите имаат зголемен интерес за учење и за завршување на високо образование“, вели проф. Марија Топузовска Латковиќ, координаторка на истражувачкиот тим.

„Во однос на иселувањето, позитивно е тоа што просечната тенденција за иселување кај младите е 2.9, на скала од 1 до 5, што го потврдува фактот дека доколку се подобри стандардот на живот таа целосно би се намалила.“, дополнува таа.

Сепак професорката потенцираше дека мора да се зголеми праксата кај студентите која е значително помала од пред 2 години и исто така да се поттикнат младите што повеќе да се вклучат во граѓанскиот активизам, организации и да се поттикне волонтерството.

На настанот присуствуваше и пратеничката Ивана Туфегџиќ која го објасни значењето на студијата во понатамошното креирање политики.

„Неа ја имаме во Собранието и во Владата и е од огромно значење за нас особено кога станува збор за подобрување на животниот стандард кај студентите. Правиме се што е во наша моќ да го ставиме реновирањето на студентските домови како приоритет, а понатака и сите други барања и препораки од младите кои се во оваа студија“, рече Туфегџиќ.

Податоците од студијата беа собрани во почетокот на 2018 година со учество на повеќе од 10 000 испитаници на возраст помеѓу 14 и 29 години. Таа беше спроведена во 10 држави од Југоисточна Европа и се здоби со генералните перцепции на младата генерација, нивните очекувања, ставови и пристап кон реалноста. Истовремено студијата ги спореди и измери евентуалните промени и состојби кај младите во изминативе 5 години.

Георги Божиновски