Студентските претставници од Филозофски одбија проект за ЛГБТ инклузија

Со 19 гласови „против“, и 4 гласа „за“, студентското собрание на Филозофскиот факултет вчера го одби барањето за обезбедување простории за проектни активности на „Иницијативата за студентска ЛГБТ инклузија“. Ваквата иницијатива, како што појаснува нејзиниот предлагач Мартина Лозановска, и самата член на студентското собрание, требала да вклучи предавања од експерти од областа, за предизвиците и проблемите на ЛГБТ заедницата и за нивната инклузија во високото образование.

Според Лозановска, оваа одлука покажува дека постои дискриминација и непочитување на човековите права и слободи кои ги гарантира Статутот на универзитетот.

„Ова покажа дека студентите кои што се во собранието, или не се запознаени со статутот или не го почитуваат, и дека имаат хомофобични, стереотипни и сексистички ставови во однос на останатите студенти кои припаѓаат на помалите заедници“, вели Лозановска.

За Радио МОФ побјаснува дека на гласањето му претходело излагање на еден членовите во собранието, кој не дал поддршка, бидејќи сметал дека факултетот е инклузивен, а проектот ќе ја зголеми хомофобијата и стереотипите.  Ваквата одлука, Лозановска најавува дека ќе ја обжали до повисоките инстанци на факултетот, како деканатот.

„Чекаме одговор и според тоа ќе се водиме на кој начин да реагираме“, додава Лозановска.

Факултетското студентско собрание на Филозофски беше формирано пред неколку недели, откако по пауза од неколку години, конечно беа спроведени студентски избори на УКИМ.  Филозофскиот факултет во Скопје е местото каде, покрај останатите професии, се едуцираат идните психолози, дефектолози, социјални работници, но се изучуваат и родовите студии.

М.К.