Студентските филмови во фокус на „Манаки“

Студентската програма е фокус на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој ќе се одржува од 22 до 29 септември во Битола.

„Студентите веќе не служат само како декор на фестивалот, тие се активни учесници и имаат свое место во фестивалската програма. Годинава ќе имаме студенти од 15 филмски академии, најмногу до сега од почетокот на основањето на фестивалот, а тие доаѓаат со свои филмови, по чии проекции ќе има дискусии и разговори. За студентите подготвуваме и средби со филмските автори, кои со нив ќе ги споделат своите искуства. Оваа програма, на која инсистирав по моето назначување за уметнички директор пред две години, ја координира и ја развива Ѓорѓи Пулевски “, вели Гена Теодосиевска, директорката на Фестивалот.

Годинава зголемен е бројот на програми -вкупно 14, а воедно е проширен и кругот на селектори кои ги обликуваат програмите: со Гена Теодосиевска, годинава во изборот на документарната програма соработува и Марија Џиџева; режисерите Даријан Пејовски и Марија Апчевска се селектори на кратките филмови кои се натпреваруваат за Малата златна камера 300, како и филмскиот критичар Слаѓан Пенев, кој ги селектирал филмовите во програмата „Перспективи на европскиот филм“.

Новина е програмата „Филмски класици – Полноќен јавач“, која вклучува филмови од светската филмска антологија, за кои помладата генерација има можеби само слушнато или прочитано. Селектор на програмата е италијанскиот режисер, кој живее во Битола, Микеле де Анѓелис, а која за публиката ќе понуди четири филма од хорор-жанрот во полноќните фестивалски часови.

Организаторите и годинава ветуваат квалитетна програма со најновите филмски продукции на големите мајстори на филмската фотографија, во селекција на Благоја Куновски – Доре.