Студентскиот филм „Зелени ѕидови, црна храна“ на фестивалот во Сараево

Филмот „Зелени ѕидови, црна храна“ на Сандра Ѓоргиева, трета година на Катедрата за филмска и ТВ-монтажа на Факултетот за драмски уметности во Скопје, е селектиран во официјалната конкуренција на Филмскиот фестивал во Сараево, во категоријата – документарен филм.

Филмот го прикажува животот и условите во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, пасивноста, како и отпорот на студентите, нивните стравови и права.

Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности. Сценариото, режијата и монтажата се на Сандра Ѓоргиева, сниматели се Марко Димитриевски и Кристијан Караџовски, студенти на Катедрата за филмско и ТВ-снимање. Извршен продуцент е Јована Мишковска, студент на Катедрата за продукција, а музиката е на Трајко Симоновски, студент на Факултетот за музичка уметност.

„Јас сум свесна дека со филмот нема да можам да интервенирам во тоа да се изгради нов солиден студентски дом според стандардите за живеење веднаш утре, или преку ноќ да се реновираат веќе постоечките домови. Мене најважно ми е да се смени ставот на студентите после гледањето на филмот. Ставот на оние студенти кои се уште се задоволуваат со таквото секојдневие и се плашат. Да сфатат дека заслужуваат подобро. Да се запрашаат што е разликата меѓу нив како сегашни студенти , и студентите од првите генерации во домот? Зошто овие студенти да мораат да поминуваат низ такви ходници, да одат во такви тоалети и да јадат таква храна? И тогаш кога ќе го променат ставот, да се охрабрат да си ги бараат правата“, рече Ѓоргиева во неодамнешното интервју за Радио МОФ.

Својот фестивалски живот филмот го започна на ДокуМа, филмски фестивал за документарен филм во Макарска, а неодамна беше прикажан и на Фестивалот за креативен документарен филм МakeDox.