Студентскиот дом „Пелагонија“ плаќа најскапо сирење

Студентите од студентскиот дом „Пелагонија“ јадат поскапо сирење од своите колеги во домот Сениќ. Во анализата направена од страна на Центарот за граѓански комуникации, каде се споредуваат јавните набавки во осум институции, цената на сирењето во “Пелагонија’ е за речиси 50% повисока од најниската цена за кравјото сирење на анализираните тендери, а и количината е неколкукратно поголема.

Студентскиот дом „Пелагонија“ плаќа најскапо сирење?!

Ова го покажува последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации насловен „Индекс на рационалност – 9“, во кој се анализира ефикасноста на трошењето на јавните пари и рационалноста на јавните набавки. Побараните податоци за цената која ја плаќаат за 1 кг кравјо сирење и купените количини до центарот не ги доставил само Заводот за физикална медицина и рехабилитација – Скопје.

Студентскиот дом кој ја плаќа највисоката цена, при набавката на кравјо сирење, всушност е единствениот кој применил критериум за избор „економски најповолна понуда“, каде цената носела максимални 50 бода, квалитетот 30 бода, а техничките карактеристики 20 бода. Сите останати институции изборот го правеле врз основа на критериумот „најниска цена“.

Студентскиот дом во спроведениот тендер добил само една понуда и оттука немало услови за спроведување на е-аукција. Интересно е тоа што Клиниката за максилофацијална хирургија, која заради малите количини на кравјо сирење што ги набавувала, сирењето го купувале во најблискиот маркет во кругот на клиниката, има пониска цена на набавено сирење од Студентскиот дом, кој набавил дури 1000 кг сирење.

„Доколку овој податок се стави во контекст на купените количини произлегува дека највисоката цена која е постигната на тендер за планирани количини од 1000 кг е повисока од малопродажна цена што меѓу другото доведува до заклучокот дека наспроти економската логика, врз цените не влијаеле купените количини“, се вели во извештајот.

Радио МОФ го контактираше Студентскиот дом „Пелагонија“ да праша на што се должат овие повисоки цени од просечните јавни набавки за храна, но засега тие немаат коментар  за извештајот.

Анализата покажува дека  четири институции го купувале сирењето по цени кои се пониски од просечно постигнатата, а три институции над просечната цена.

К.О.