Студентски правобранител: Државниот испит за студентите е проблематична и неразработена идеја!

Континуираното унапредување на високото образование е процес кој е од големо значење за целокупната општествена заедница. Поради тоа пред воведувањето на реформи во овој сектор е неоходно да биде направена една опсежна анализа за потребата од нив и ефектот кој ќе го имаат во практиката, како да и бидат сослушани мислењата на сите членови на академската заедница, пишува Студентскиот правобранител на УКИМ, Васка Бојаџи за порталот Академик.

Студентски правобранител: Државниот испит за студентите е проблематична и неразработена идеја!

Фото: Академик

Имајќи предвид дека студентите се битен дел од академската зедница, во идниот период планираме заедно со Студентскиот парламент на УКИМ да организираме отворени трибини на кои студентите ќе ја имаат можноста да се произнесат во однос на предлогот за воведување на државни испити, а сумираните заклучоци од трибините ќе ги презентираме пред надлежните лица од Министерството за образование, со кои досега сме имале добра соработка.

Предлогот за воведување државни испити за студентите на сите универзитети за сега е само една неразработена идеја, за која е прерано да се каже дали е добра или лоша, допрва треба да бидат анализирани сите позитивни и негативни страни и не значи дека ќе биде спроведена во практика.

Треба да биде разгледана и можноста за постигнување на истиот ефект преку воведување соодветни промени во постојниот систем на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование кој е предвиден во Законот за високо образование. Сепак, неминовно е да се каже дека спроведувањето на таквиот предлог би било проблематично од повеќе аспекти.

Со воведувањето државни испити со кои би се оценувало стекнатото знаење од цели 2 академски години, прво би се оневозможиле поволностите кои студентите ги добија со ЕКТС системот, со кои беше ограничен квантитетот на материјалот кои студентите треба да владеат за положување на испитите, односно би се оневозможило остварувањето на една од целите на ЕКТС системот.

Исто така, со воведувањето на таквите испити во никој случај не смее да им биде ускратено правото на студентите да го полагаат испитот во неколку последователни испитни сесии, што би се случило доколку таквиот државен испит се полага по завршувањето на втората академска година од студиите (односно студентите нема да имаат можност испитот кој го слушале во зимскиот семестар да го полагаат по третпат во јануарската сесија).

Понатаму, проблематично е и прашањето за бројот на државни испити кои би требало да ги полагаат студентите чии студиски програми траат три или пет години. Овој вид на оценка на знаењето ќе биде тешко спроведлив на академиите каде за најголем број од стручните предмети се практикува континуирана проверка на компетенциите на студентот врз основа на повеќе критериуми. Ова се само мал дел од прашањата кои е неопходно да бидат разгледани пред донесувањето на одлуката.

Васка Бојаџи, Студентски правобранител
Извор: Академик.мк