Студентски пленум: Законот за високо образование ја изгуби суштината, бараме нов

„Овој законски текст не е применлив со сите тие измени, се загубила неговата суштина и не сметаме дека креира квалитет во образованието“, рече студентот Дарко Малиновски од Студентски пленум на денешната прес-конференција која студентите ја одржаа во просториите на автономната зона на Филозофски/Филолошкиот факултет.

„Изработка на целосен нов законски текст и тоа отворање на инклузивен дијалог, вклученост на студентите во сите процеси во креаирањето на тој нов закон којшто ќе биде заснован на сеопфатни јавни дебати и суштински анализи“, се барањата ги повторија студентите.

Автономна зона на Филолошки

Студентски пленум од денешната средба во Ректоратот со министерот Абдилаќим Адеми, очекува да биде исполнето барање за  комплетно нов закон за високо образование којшто нема да биде решение за проверка на квалитетот на образованието и евалуација на студентите бидејќи како што велат тоа директно се коси со автономијата на студентите.

На средбата ќе присуствуваат по двајца претставници од Студентскиот и Професорскиот пленум како и претставници од Министерството за образование и наука.

„Ние четири месеци протестираме, четири месеци се бориме да бидат чуени нашите гласови, а законските измени на „насилен начин“ беа донесени и дури отпосле беше започнат некаков си дијалог со владата. Токму затоа ние не сме сигурни во подготвеноста на Владата да се држи до своите барања, грубо кажано не им веруваме, токму затоа преку окупација вршиме притисок да се држат до договореното“, рече Малиновски.

Во меѓувреме, во аулата на Економскиот факултет се одржа дискусија „УКИМ гори, Економски се чешла“, на која неколку студенти се обратија пред свои колеги и професори за тоа што носи новиот закон за образование, а студентите не се доволно информирани за тоа.

УКИМ гори, Економски се чешла

„Ако е државен факултет УКИМ, зошто е финансиран само 30 проценти, а факултетите се самофинансираат 70 проценти? Овие давачки кои ги имаме, 750 денари за ИКСА, 1100 денари за книжен фонд , не се заради тоа што така им текнало таа сума. Таа сума е бидејќи државата не дава доволно пари на државните универзитети за нормално одвивање на наставната програма, а камо ли за истражувачка дејност. Додека во Словенија со која што се споредуваат, се издвојуваат два или три проценти од буџетот за научно истражувачки трудови, во Македонија се издвојуваат 0,2 проценти. Таа бројка од 2001 до 2011 е падната од неколку милијарда денари на пет милиони денари за научно истражувачка дејност во 2011“, рече Зорица Димитрова, студентка на Економскиот факултет.

Според неа, не можат да остават некој да ги бие нивните битки и само обединети сите факултети може да извојуваат победа.

УКИМ гори, Економски се чешла

„Треба да бараме квалитет од нашите институции. Треба да бараме квалитет од нашиот живот, треба да бидеме спремни да се соочиме со неправилностите што се околу нас. Треба да бидеме генерација која ќе прави корекции, којашто ќе бара правилно донесени закони и правила и прописи. Треба да да бидеме генерација којашто ќе ја води Македонија напред, а не назад“, рече студентка од Економскиот факултетет.

Студентите девет дена ја одржуваат автономната зона на Филозофски, Филолошкиот факултет, а почнаа да ја шират и на Машински и ФЕИТ, Технолошкиот во Битола и Архитектонскиот, а од денеска и Градежниот факултет. Бојкот на наставата веќе некое време се одвива на повеќе факултети меѓу кои Педагошкиот, Природно-математичкиот, Факултетите за ликовна и драмска уметност и Факултетот за земјоделски науки и храна.