Студентски пленум против формирањето нов државен универзитет „Дамјан Груев“

Студентскиот пленум силно се спротиставува на формирањето на уште еден, нов државен универзитет Студентскиот пленум во Република Македонија. Како што се вели во нивното соопштение, основањето на универзитетот „Дамјан Груев“ уште еднаш ги расветлува намерите на власта на системско уништување на високото образование, како и негово претворање во алатка која ќе биде користена во сопствена полза.

„Високото образование денес се соочува со сериозни проблеми. Законодавството создава регулаторен хаос од кој директно се тангирани студентите и професорите. Универзитетите се постојано мета на необсмислени „реформи“. Евидентен е и недостатокот на ресурси, соодветни простории, литература и стручен кадар во извесни сфери. Студентите живеат во суб-човечки услови во студентските домови, а надвор од нив се соочуваат со депримирачкото секојдневие кое им го приредува македонската реалност. Автономијата на универзитетите , иако уставно начело, е сведена на „мртво слово на хартија“… А сепак, ова се само мал дел од вкупниот број проблеми кои би можеле да ги наброиме!

Оттаму, би сакале да ги запрашаме нашите власти, која е потребата од формирање на нов државен универзитет? Дали на ваков чекор претходи било каква анализа или одново се применуваат истите практики на брзоплето „реформирање“? Зошто јавноста не доби никакво објаснување околу скратената собраниска процедура која (и) овој пат се применува? Кои ќе бидат финансиските импликации од основањето на овој универзитет? Како тие ќе влијаат на финансиите на веќепостоечките универзитети? Со кои ресурси, пак, ќе се подобри студентскиот стандард?

Освен тоа, зошто пратениците од опозицијата на вчерашната седница на Собранието (27.01.2016) не го кренаа својот глас против основањето на универзитетот? Дали партиските превирања се од примарен интерес, па високото образование не е на агендата? Зошто се молчеше, иако во минатото се говореше за нужноста од подобрување на состојбите во високото образование?

Одново истакнуваме дека ние одбиваме да го предадеме високото образование во рацете на власта. Студентите се независни и силни, а нивниот глас ќе се спротистави на секој противуставен, необсмислен, избрзан и проблематичен рез во високо-образовната сфера!“, стои во соопштението на Студентски пленум.