Студентски пленум до премиерот: Екстерното тестирање е неприфатливо!

Студентскиот пленум преку соопштение реагираше на изјава на премирот Никола Груевски кој вчера соопшти дека екстерното ќе важи само за идните студенти и ќе се полага повеќепати. Студентите забележуваат омекнување во ставот на премиерот, но остануваат на барањето дека екстерно на универзитетите не треба да има бидејќи овој модел на тестирање сметаат дека ја крши автономијата на Универзитетот.

1902949_1553907374839546_7062581305182865513_n

„Исто така не заинтригира делот од изјавата на премиерот каде тој вели дека екстерното нема да важи за студентите кои веќе студираат. Дали тоа значи дека премиерот со ваквата изјава јавно не помилува сите нас кои излеговме на марш во понеделникот? Целта на нашиот марш не беше помилување на тие што излегле, туку револт поради состојбата на високото образование и надеж за промена. Пленумот цврсто стои на ставот дека нема да се откажеме во името на ниту една генерација која би ги трпела пооследиците од реформата и ги поттикнуваме генерациите што доаѓаат да се приклучат во нашите напори да го спречиме воведувањето на мерката екстерно тестирање“, се наведува во соопштението од Пленумот.

Студентите прашуваат дали изјавата на премиерот значи дека тој се надева на сервилноста на идните генерации кои нема ни да помислат да се побунат против она што сегашните студенти го оспоруваат.

„Изјавено беше и дека „постојат шпекулации дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит“, а всушност самиот министер за образование Адеми излезе со информациите дека екстерното тестирање ќе биде дисквалификациско. Досега во секоја изјава како одговор на нашите барања се велеше дека секоја натамошна акција во однос на екстерното тестирање ќе бидат консултирани универзитетите како и ние, студентите. Сепак, премиерот излезе со нов модел на истото тестирање без воопшто да се консултира со било која од горенаведените институции. Затоа, овој предлог повторно го сметаме за нелегитимен“, додаваат од пленумот.