Студентски пленум: Погласни, побунтовни и најодлучни ја продолжуваме борбата

„Се гледаме во 2015 година“ е пораката која студентската автентична иницијатива „Студентски пленум“ им ја испрати на студентите и граѓаните преку сатиричните желби објавени на нивната Фејсбук страница.

Пленумци во 2015-та посакуваат помалку заокружување, а повеќе професионализам од медиумите, повеќе да бидат слушнати од надлежните институции и „со помалце закони под елката“ од Владата.

Од првиот Студентски пленум против воведувањето државен испит на универзитетите одржан на 22 октомври до денес, студентите организираа два студентски марша и еден протест пред Влада во Скопје. Но, освен во главниот град, два студентски марша и неколки пленуми се одржаа и во Битола и еден протестен собир во Прилеп.

Иницијативата речиси три месеци се обидува да ја натера Владата да ретерира во својата намера да го воведе државниот испит. Иако предлог законот веќе стигна и до Собрание на прво читање на кое со 71 глас „за“ и 8 „против“ пратениците гласаа за негово воведување.

Второто читање на предлог-законот за високо образование со кој се предлага воведување на државен испит ќе се најде на седницата на Комисијата за образование, наука и спорт закажана за 8 јануари во 10:00 часот.

Новите законски измени ќе донесат воведување на државниот испит за студентите во втора и во последната година од студирањето, како и за идните магистри. Со измените се пропишуваат и затворски казни за декани и ректори кои ќе дадат диплома без положен државен испит, а тој станува потребен дури и при нострификација на дел од странските дипломи. Измените дозволуваат студиски програми од трет циклус на студии (докторски) да организираат само првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите.