Студентски пленум: Оваа Влада повеќе не е легитимна, ги напуштаме преговорите

Оваа Влада повеќе не е легитимна и студентите едногласно изгласаа излегување од работните групи за Законот за високо образование и прекинување секаква соработка со Министерството за образование и наука, соопштија денеска од Студентскиот пленум.

Студентите на вчерашниот генерален пленум, поради крахирањето на политичките процеси и демократските вредности во земјата, што ги зголемило нивните сомнежи во капацитетот на Владата и нејзините добри намери, донеле одлука целосно да ги прекинат преговорите со Владата и МОН.

„Со други зборови, за студентите повеќе оваа Влада не е легитимна. На вчерашниот генерален интерен пленум, студентите едногласно изгласаа излегување од работните групи за Законот за високо образование и прекинување секаква соработка со Министерството за образование и наука, а исто така и со останатите институции. Студентскиот пленум верува дека единствениот начин сега е изразување на револт на мирен начин и масовно. Затоа ги повикуваме сите заедно, да излеземе на мирни протести, да бидеме разумни и да не потпаѓаме под туѓи провокации. Студентскиот пленум верува дека иднината е во заедништвото а не во делбите. Работната група во рамките на УКИМ, заедно со Професорскиот пленум ќе продолжи да работи на тој закон, но сфативме дека не можеме да работиме со нив бидејќи последните случувања укажуваат дека тие не се доследни на нашите договори. Тие неколку пати веќе ги навредија студентите и Студентскиот пленум реши да отстапи од овие преговори во знак на револт“, изјавија денеска од пленумот, пренесе А1он.

Студентите изразија и сочувство до семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили во Куманово.

„Се надеваме дека вакво нешто нема да се повтори. Студентскиот пленум исто така го осудува изрекувањето наредби кои се косат со човековите права и слободи, утврдени со Уставот на РМ. Наредби кои доведоа до упадот на специјалци во читалната „Браќа Миладиновци“. Од осумте луѓе кои беа приведени, двајца се студенти, кои во текот на ноќта беа повикани на информативен разговор, приведени, изнесени пред судија, при што им беше изречена мерка притвор од осум дена“, изјави Марко Христов од пленумот.

Според Студентскиот пленум постои селективна правда за да се заплашат граѓаните и повикаа на мирни протести како дел од движењето „Протестирам“.