Студентски пленум организира тридневен фестивал на платото на УКИМ

Студентски пленум организира тридневен мултимедијален настан „Ад хок фестивал“, кој ќе почне од 10 декември напладне на платото на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

На фестивалот ќе настапуваат „Новиот почеток“, „Ди Џон“, „Пи-Ем-Џи колектив“, „Бандикс“, „Руверс ханговер“ ,„Визија“, „Бета хаус“, „Фанк шуи“, „Бона Деа“, „Зад аголот“ и повеќе диџеи.

За време на концертите, во аулите на четирите факултети ќе бидат изложени цртежи и фотографии на студенти и на уметници, а ќе бидат организирани и алтернативни предавања и работилници.

„Веќе цела година нè заокружуваат, нè етикетираат и нè лажат. Се обидуваат да ни ја одземат моќта и гласот кој го имаме. Затоа одлучивме да бидеме погласни од било кога.

Високото образование ни го сведоа на соголен костур, се обидоа да ја спречат нашата академска слобода за интелектуално развивање и креативно достигнување. Сакаат од нас да направат роботи и слуги на нивниот режим.

Ние имаме морална одговорност и должност да не ги почитуваме нивните неправедни правила. Нашите животи завршуваат во моментот кога ќе станеме тивки за работите кои се важни.

Ние, студентите, сме многу повеќе од број. Ние сме многу повеќе од тоа што бараат да бидеме. Време е да ви ја покажеме нашата креативност, упорност, интелект, но највеќе од сè, нашиот млад, чист и неуморен дух за просперитет!“, стои во поканата на Студентски пленум.