Студентски пленум: Одложувањето на реформите е доказ дека тие се нелогични

Студентскиот пленум смета дека со одложувањето на спорните одредби во високото образование, кое беше изгласано во Собранието пред два дена, власта признала дека нејзините потези се нелогични и практично е дистанцирала од сопствените предлози.

„Со новите измени на Законот за високо образование донесени пред два дена, уште еднаш се одложија сите спорни одредби против кои бурно реагираше академската заедница. Со ова власта повторно призна дека станува збор за „реформи“ во високото образование кои се нелогични, неостварливи и противуставни, односно „реформи“ кои ни во најмала мера нема да го подобрат квалитетот на високото образование туку ќе доведат до негово уривање.

Одложувањето на овие „реформи“ за дополнителна една или две години кои се надодаваат на веќе-постоечките одложувања е дефинитивен показател дека и самите нивни креатори се дистанцираат од нив, а веројатно е дека единствена причина поради која се одложуваат наместо укинуваат е тоа што суетата не им дозволува да преземат таков чекор.

Секој оној кој би бил на власт – при конципирањето на измени, односно реформи во иднина, да има во предвид секогаш да се слуша гласот на засегнатите страни како што беа студентите во овој случај. Со слепо и глуво донесување на мерки само се зголемува постоечкото незадоволство и создава револт кој никако нема да се згасне со еден мораториум. На македонските студенти им е потребен целосно нов ЗВО, во чие создавање тие мора да бидат слушнати и вклучени“, се вели во соопштението на Студентски пленум.