Студентски пленум до лидерите на партиските подмладоци: Дозволете да дише граѓанскиот активизам

Преку писмо испратено до претседателите на подмладоците на политичките партии во Македонија, Студентскиот пленум побара да не се партизираат нивните активностите и повтори дека маршот најавен за оваа среда е независен и без партиски бои, туку има цел да влијае врз надлежните институции во насока на повлекување на предлог мерката за воведување државен испит.

– Како значаен општествен сегмент, како студенти (идни академски граѓани) сакаме да ја потенцираме нашата интелектуална независност, нашата слободна и критичка мисла која не е диригирана од ниедна популистичка агенда. Нашиот органон се аргументите, кои не ги насочуваме против партиите туку против неправдата. Како што посочивме во неколку наши досегашни излагања, на маршот може да присуствува секој оној кој чувствува граѓанска одговорност кон квалитетот на јавното образование. Меѓутоа, нашите барања ја надминуваат партијата и партиските интереси, стои во дописот.

Поради тоа од Пленумот им очекуваат претседателите на партиските подмладоци да влијаат врз членовите кои одлучиле да го поддржат студентскиот марш така што сите ќе земат учество во него само како студенти или засегнати граѓани, а не како партиски активисти. Ова е граѓанска иницијатива, која по својата природа е наднационална, надетничка, надрелигиска и натпартиска, велат од Пленумот и бараат за време на маршот да не се истакнуваат партиски симболи, но и да не се провоцира или зема учество во било какви активности кои може да доведат кон започнување или ескалација на насилство помеѓу учесниците во протестот, кон полициските сили и кон приватен или државен имот.

-Партиските подмладоци во основата на своето постоење претпоставуваме дека го имаат унапредувањето на интересите на младите, вклучително и студентите. Веруваме дека во моментов од интерес на студентите е оваа иницијатива да остане граѓанска, независна и автентична, фокусирана кон унапредување на квалитетот во високото образование, а не жртва на меѓупартиски превирања.

Исто така, сметаме дека како претседатели на младината во Вашите политички партии сте во можност да влијаете врз своето членство во насока на почитување на горенаведените барања. Во спротивно, Студентскиот пленум ќе бара преземање на морална и политичка одговорност од ваша страна , не само за свесно нарушување на овој протестен марш, туку и како партиски подмладок кој не поддржува независен студентски активизам и заштита на студентските интереси,

`Постојат луѓе кои се борат и работат и оние кои ја собираат славата за направеното`(Ганди). Бараме од вас да не бидете оние вторите. Воедно, ние со сите наши сили, ќе се бориме да не бидеме прибрани под ниедно партиско милје. Затоа почитувајте ја нашата решителност. Дозволете да продише граѓанскиот активизам“, се додава во дописот.