Студентскиот пленум излезе со реакција во врска со потпишувањето на указите од претседателот Иванов за Законот за високо образование и воведувањето државен испит за студентите.
„Очекувано, светлината на крајот на тунелот излезе дека е воз кој со голема брзина ита кон прегазување на високото образование. Иако многупати предупреден за противуставната содржина на новиот Закон за високо образование, Ѓорѓе Иванов се одлучи да го одобри истиот. Одлучи да не биде државник, да не биде професор, да не биде претседател на сите. Сега веќе може да се каже дека, иако намерата беше најискрена, изодените институционални патишта не дадоа резултат.
Но, борбата на Студентскиот Пленум продолжува! Студентскиот Пленум нема да дозволи да се гази по достоинството на студентите, бесрамно да се прегази автономијата на универзитетите и на најдрзок начин да се прекрши Уставот, највисокиот правен акт на Република Македонија!
Затоа, подгответе се. Почитуван господине Премиер, почитувана Владо на Република Македонија, почитувани “народни претставници” од Собранието, почитуван Претседателе, индексите во рака и на часови. Студентски пленум ќе предава лекции по државништво! Борбата започнува!“, стои во реакцијата на Пленумот.
Професорски пленум: граѓанска непослушност за заштита на автономијата на универзитетот