Студентски пленум: Голема е шансата денеска да има изборни манипулации

„Денеска ни треба вашата помош! Постојат одредени неофицијални информации дека студенти ќе се носат со автобуси за да гласаат во Скопје на факултетите за претседател на Студентски парламент“, напиша Студентскиот пленум утринава на својата официјална Фејсбук страница.

Студентите од 23 факултети во Скопје денеска ќе гласаат за својот иден претседател, кој во иднина ќе треба да ги застапува нивните потреби и да ги решава проблемите со кои се соочуваат. Досега, таа функција, ја држеше Кирил Спировски.

Тие ќе бираат помеѓу Стефан Василевски, кандидатот кој доаѓа од Медицинскиот факултет и доби поддршка од шест матични факултети, и Давор Поповски, од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, кого го поддржуваат седум матични факултети.

Од Пленумот стравуваат дека денес би можело да се случат и изборни манипулации.

„Знаејќи дека Парламентот функционира веќе 3 години на нелегален начин и е нелегитимен претставник на студентите, големи се шансите денеска да има изборни манипулации. Ако е ова точно, малтретирањето на студентите за лични интереси претставува зенит на дрскоста и самоволието, затоа ве замолуваме доколку да забележите нешто што изгледа сомнително додека сте на факултет или во близина, сликајте го и пратете ни ја сликата како порака на Facebook странава. Анонимноста е загарантирана и однапред ви благодариме на сите!“, велат од Пленумот.

Студентите вчера најавија активен бојкот на денешните избори, со блокада пред платото на УКИМ во 12 часот и на гласачките места.