Студентски пленум го објави писмото упатено до министерот

„Ние како студентска иницијатива Студентски пленум, Ви се обраќаме со барање да го повлечете предлогот за воведување на нови реформи во високото образование, поконкретно мерката државен испит. Студентскиот пленум се организира како реакција на неспособноста на Студентските парламенти да ги заштитат интересите на студентите, односно доследно да го пренесат студентскиот став по однос на оваа реформа“, вака започнува писмото упатено до министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми од студентската иницијатива Студентски пленум објавено на нивната Фејсбук страница.

Повеќе од две илјади студенти вчера маршираа низ скопските улици со цел да го искажат своето несогласување за новата реформа на Министерството за образование и наука, да се воведе државен испит во втора и четврта година на универзитетите. После половина час протест пред Министерството, двајца студентски претставници беа пуштени да го достават писмото до министерот. Иако, студентите го повикуваа  министерот, никој не излезе да разговара со нив.

„Резултатите од овие испити како што е изјавено ќе бидат пресудни за иднината на студирањето на секој студент; имено, доколку студентот не ги положи овие испити тој го губи правото да продолжи со своите студии. Мерката во формата во која е претставена на јавноста е многу проблематична и е во директен судир со уставно загарантираните права на граѓаните на Република Македонија.

За почеток, предложената мерка ќе го ограничи правото на образование, право кое е заштитено со член 44 од Уставот. Со државниот испит, кој предвидува дека доколку студентот не положи два пати, нема право да ги продолжи студиите, на нас студентите ни се ускратува уставно загарантираното право на образование.

Понатаму, оваа мерка ја нарушува автономијата на универзитетот, предвидена со член 46 од Уставот. Со тоа што се одзема моќта и се дискредитира способноста на образовните институции сами да утврдат соодветна методологија на оценување, се врши директен упад во автономијата на универзитетот“, пишува во писмото.

Студентите сметаат дека во јавноста не беа изнесени аргументи кои би ги убедиле во оправданоста на оваа мерка.Според нив, дебатата зазема погрешен правец со тоа што се дискутира за формата на најавената мерка, додека всушност дискутабилна е нејзината неопходност воопшто.

„Ваквата дебата треба веднаш да биде прекината, а најавената мерка повлечена, се вели во писмото.

Студентите препорачуваат доследно спроведување на веќе постоечките механизми за контрола на квалитетот на високото образование (акредитација, надворешна евалуација, самоевалуација, рангирање).