Студентски пленум ги осуди притисоците врз управата и професорите на Правен

Студентски пленум при Правниот факултет ,,Јустинијан Први”- Скопје ги осуди притисоците врз факултетската управа и дел од професорите, за кои информираше деканот Борче Давитковски и ги наведе како причина за поднесената оставка од функцијата.

„Свесни сме дека не ги живееме најславните денови на демократијата, но на крај на ум не ни беше дека ќе следи ваков политички реваншизам на еден од најгласните поборници за квалитетни реформи во високото образование, Правниот факултет. Еден од последните бастиони на слободната мисла на нашето мало парче од планетата е најсурово изложен на тиранија и репресија од страна на узурпаторите на универзитетот, но и демократијата во целина, а како директна последица на тоа дојде и оставката од Деканот на факултетот, Борче Давитковски. Погрешиле во проценката амалите на репресивниот апарат кога помислиле дека Студентскиот пленум ќе остане нем на сево ова, и дека оние од кои го црпеа, го црпат и допрва треба да го црпат знаењето кое очигледно ќе биде потребно најпрво во борбата за слобода, а потоа се останато, ќе останат сами во оваа битка. Со ова сакаме да порачаме дека Студентскиот пленум на Правниот факултет од денес ќе биде на браникот на факултетот во борбата против узурпаторите, противниците на квалитетното образование, ЏЕЛАТИТЕ НА СЛОБОДНАТА МИСЛА!

Во продолжение, сакаме да ги потсетиме ‘’колегите’’ од Студентскиот парламент на Правниот факултет, “претставниците” на студентите на факултетот, да не ни помислат дека веќе започнатата студентска ренесанса ќе ги заобиколи и нив. Допрва следат деновите во кои малигното ткиво на студентското организирање ќе биде разобличено и ефективно апсолвирано!

Почитуван Декане и сите слободоумни професори, ја имате нашата безрезервна поддршка и ви порачуваме дека сега кога власта ве притиска вас, ќе мора да се соочи и со сите студенти на Правниот факултет!“, велат од Студентскиот пленум на Правниот факултет.