Студентски пленум: Двете најголеми партии не смеат да си играат со гласот на студентите

Со соопштение и мала герила акција по повод вчерашниот ден на студентите, Студентскиот пленум порача дека партиите не смеат да си играат со гласот на студентите. Соопштението го пренесуваме во целост:

„Пред точно 76 години, германските нацисти го напаѓаат Универзитетот во Прага, откако тамошните студенти организираат серија на протести против германската окупација на Чехословачка. Токму на овој ден, убиени се 9 студенти, а дополнителни 1200 се испратени во концентрациони логори.

Во Македонија овој датум ќе остане запамтен по првиот студентски марш во 2014 година. Никој не се надеваше дека надеж може да се врати кај македонската младина, но се чини дека ние од секогаш сме биле бунтовни. Да се бориме против неправдата, со чист образ, неизвалкани од прљави политички / партиски игри. Голем дел од нас пред една година беа убедени дека засекогаш ќе си заминат надвор од државата, но се чини како да се менуваат овие размислувања.

Научивме дека можеме да промениме нешто, научивме дека треба да бидеме гласни и храбри… научивме дека мораме да се бориме!

За оваа една година, многу работи се променија, но остана една константа – нашата одлучност за позитивни промени. Имавме многу победи и многу порази, но сѐ уште сме тука. Од студентите за студентите. Нашите „окупатори“ се обидоа да ни го земат универзитетот, но не им дозволивме.

Одбиваме да бидеме заглавени во времето и да мислиме само на минатото. Си имаме работа со премиер кој толку многу нѐ презира, што не ни го ни честита денот на студентите. Како треба да му веруваме ние на овој човек? Вели дека сме му биле толку важни… Па ако му бевме, можеше барем да се појави во реновираниот блок во СД „Гоце Делчев“. Можеби се исплаши дека ќе го соочиме со нашата секојдневна реалност, со сите наши проблеми?

Но не, наместо тоа, одлучи да им организира на своите подмладоци бесплатно „перење мозоци“ – проекција на документарен филм кој прикажува колку оваа влада има сторено за студентите. Нѐ интересира само колку долго траел, една минута?

Од друга страна пак, ја имаме опозицијата, која најдоброто нешто што можеше да го стори е да си „позајми“ една слика од нашиот марш и да ни го честита денот… Патетично.

Ќе прашате можеби „Што е со Студентски парламент?“, на што ќе ви одговориме: „Кој Студентски парламент?“. Зарем постои таква организација? Не сме чуле…

Зошто никој не сака да праша: „Што е со колегите кои живеат во домовите?“. Поплавени, накиснати, со мувлосани ѕидови, бубачки во храната и по некој паднат таван. Често ќе ги чуете од владата како велат дека ние, студентите, сме биле во право… па ако е тоа така, зошто не сакате да нѐ сослушате? Зошто не ни помагате да ги решиме нашите проблеми? Ама се чини дека поважно ви е да нѐ заокружите, етикетирате, тепате во библиотеки, да нѐ апсите и да нѐ бркате…

Ова соопштение намерно доцни еден ден, за да ви покажеме дека ние сме тука секој ден од годината, а не само 24 часа. Пленумот е место кое е отворено за секој студент што сака да биде дел од промената, а не дел од проблемот.

Борбата не е завршена, колеги, борбата само што почнува. Борбата на нашата генерација и на сите следни! Ние ќе бидеме корективот на оваа и секоја следна влада, бидејќи не ви веруваме повеќе дека мислите за наше добро! Дојди и приклучи се!

Продолжуваме Пленумци!

П.С: На 17 Ноември, одлучивме да излеземе на улица и да ги потсетиме двете најголеми партии дека не смеат да си играат со гласот на студентите!“