Студентски пленум: Дојде 5 мај, пак ли ќе не тепате?

Со плакати на кои е испишано „Дојде 5 мај, пак ли ќе не тепате?“ и „Стоп на режимската бруталност“, Студентскиот пленум потсети на минатогодишните протести на 5 мај, кога полицијата околу полноќ упадна во читалната на библиотеката „Браќа Миладиновци“ додека десетици студенти подготвуваа испити. Студентите најавија дека денеска во 17 часот, ќе се соберат пред библиотеката Браќа Миладиновци од каде ќе тргнат на протест против режимската бруталност.

„На овој ден пред точно една година пред зградата на владата воскликнаа граѓаните на Македонија против неправдата и бруталноста на режимот кој прерано му го згасна животот на нашиот сограѓанин Мартин Нешковски. Тоа беше и глас против режимската бруталност кон сите граѓани на оваа земја- нашата земја!
По неколкучасовниот протест, дел од полицијата од истиот режим, доби наредба насилно да ги растера демонстрантите по улиците на Скопје.

Дел од припадниците на полициските единици влегоа и во оваа библиотека – НАШАТА библиотека Браќа Миладиновци и брутално нападнаа студенти, кои сосредоточени врз своите книги ги подготвуваа испитите.

Затоа денеска на 5 мај 2016, се сеќаваме. Се сеќаваме и никогаш нема да заборавиме. Се собираме во 17 часот пред библиотеката Браќа Миладиновци. Протестираме против режимската бруталност! Протестираме за слобода, правда и еднаквост и прашуваме: Македонијо, зошто твоите библиотеки се полни солзи?“, се вели во соопштението на Студентски пленум.