Студентски пленум: Барокните факултети се навреда за студентите

Студентски пленум смета дека најавата на Министерството за образование и наука за изградба на два факултети во барок стил е навреда за студентите. Според Пленумот, одлуката за изградба на овие факултетски објекти е проблематична од повеќе аспекти.

„Првично, според наши сознанија, Сенатот никогаш не донесол одлука за воопшто градење на нови објекти во склоп на кампусот при УКИМ. Со тоа сметаме дека наметната одлука за изградба на овие објекти е своевиден упад на автономија. Второ, самата локација е проблематична, затоа што овој кампус веќе има проблеми со бројот на студенти. Исто така, проблематичен е изборот на барокниот стил, кој не само што не се вклопувасо ништо од веќе изграденото во кампусот, туку сметаме дека е иронија да се гради барокна зграда на Факултет за информатички технологии и компјутерско инженерство. Сметаме дека самиот избор на барок е една длабока навреда за студентите кои треба да се, а и се движечка сила во државата“, вели Орхан Сулејмани од Студентски пленум.

Претходно, со слични ставови, реагираше и младинската организација „Мугра”, според која ваквата одлука е избрзана, недоволно подготвена и претставува деструктивен план.

Според веб страницата за јавни набавки, тендер тежок 20 милиони евра доби градежната компанија „Бетон Штип“ за изградба и партерно уредување на Факултетот за физичко образование и спорт (ФФК) и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Предвидено е зградите да бидат во барок стил, а автор на идејните решенија за двата факултета е Жарко Чаушевски.

Градежните работници веќе почнаа со околчување на просторот на универзитетскиот комплекс на УКИМ, што гледа кон судовите и кон Ректоратот.