Студентски пленум бара средба со Адеми во петок

Движењето „Студентски пленум“ ја поздрави поканата на министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми за средба со нивни претставници за да се разговара за оправданоста на спроведувањето на предложената реформа во облик на екстерно тестирање во рамки на високото образование.

– Истата ние ја толкуваме како дел од вашата подготвеност да го вреднувате изборот на студентите, кои несомнено се најзасегнатата страна во овој политички дискурс и како израз на вашиот интерес да се вклучите во рамноправна дискусија околу нашите аргументи против реформата. Во таа смисла, со ова писмо би сакале да ја прифатиме Вашата покана, во име на можноста уште еднаш, во услови на мошне добредојдена директна комуникација, да ви го изложиме нашиот изграден, независен и категоричен став во однос на предложената реформа, велат студентите во писмото.

Студентите предлагаат средбата со министерот Адеми да се одржи во петок во 12 часот и во нивното барање наведуваат телефонски броеви и електронска пошта на кои го чекаат одговорот од Министерството за образование и наука.