Студентски пленум бара изземање на Родна Живковска од Комисијата поради конфликт на интереси

Студентски пленум бара да се изземе професорката Родна Живковска од функцијата претседател на Комисијата за менување на Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ поради конфликт на интереси.

По детална анализа на финансискиот извештај на Студентскиот парламент на 2014/2015 година, од Пленумот забележале дека нејзиниот син Иван Живковски, кој е поранешен Претседател на СПУКМ, во моментов тој е адвокат на СПУКМ. Доказ за тоа, како што велат од Пленумот, е фактурата поднесена во финансискиот извештај на организацијата.

„Сметаме дека професорката Родна Живковска не може да работи непристрасно, имајќи го предвид досегашното криминално работење на СПУКМ со фалсификување на потписи, неконтролирано трошење, но уште повеќе и насилните избори кои се случија пред очите на целата јавност, а во што е вмешан и нејзиниот син.

Студентскиот пленум бара од Сенатот и Ректорот итно да биде изземена професорката Родна Живковска, со цел Комисијата да продолжи непречено со работа. Комисијата мора да го предвиди претставничкото тело на студентите како орган на УКИМ, ставајќи крај на насилничкото СПУКМ“, велат од Студентски пленум.

Веднаш по студентските избори на 30 јуни, Ректоратот одлучи да формира две комисии, една за менување на статутот на УКИМ во однос на студентското организирање, а другата требаше да го разгледа начинот на кој се одвиваа изборите. Досега се одржаа две средби на комисијата за менување на статутот, но како што велат од Пленумот, атмосферата на средбите била тензична поради спротивставените ставови.

Крајниот рок за изнаоѓање на конечно решение е 15 септември, кога новиот ректор треба да ја преземе функцијата.